Орденот „Св. Никола“, што по повод Денот на градот-19 декември се доделува на заслужни граѓани со потекло од Штип, годинава му е доделен на генералот Стојанче Ангелов, а признанието „Св. Никола“ го добија Штерјо Наков и Бранко Азески, почесните конзули на Романија и Црна Гора со седиште во Штип, како и компанијата „Пеком инженеринг“.
„Највисокото одличје на Град Штип му го доделуваме на Стојанче Ангелов, наш истакнат сограѓанин, патриот и херој, кој во многу турбулентни моменти покажал како се сака Македонија. Големината на овој човек е и во тоа што и покрај сите премрежја низ коишто поминал, тој е подготвен да подаде рака во знак на помирување“, рече градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Бочварски образложи дека високото признание „Св. Никола“, што се доделува на патрониот ден на градот, ќе ги врачи на стопанственикот Штерјо Наков за неговите афирмација и поддршка на Штип, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески за развојот на стопанството во државата и во Штип, како и на „Пеком инженеринг“ како општствено одговорна компанија.
Лани, орденот „Свети Никола“ постхумно му беше доделен на Киро Глигоров, а досегашни добитници на орденот се: владиците Стефан и Иларион, докторите Сашко Кедев, Илија Џонов, Методија Чепреганов и Жан Митрев и политичарите Срѓан Керим и Никола Груевски.
Т. ЈОВАНОВСКИ