По повод 8 Ноември, Денот на ослободувањето на Штип, во Народната и универзитетската библиотека (НУБ) „Гоце Делчев“ секоја година се одржуваат Митровденски средби каде се промовираат новите доктори на науки кои со оваа титула се стекнале во тековната година, меѓу двата празника. За разлика од 2017, кога се промовирале 10 доктори на науки, лани само 5 , годинава се промовираа седум, главно од техничките, правните и медицинските науки. Тоа се: Силвана Жежова, Сашка Голомеова, Нада Донева, Мирко Јакимовски, д-р Илија Милев, Билјана Цоневска-Гуњовска и Дијана Георгиева.
Со новите седум доктори Штип ја заокружи листата на 205 доктори на науки и тоа во време од 17 години, затоа што оваа манифестација е воведена во 2002 и е единствена во државата од една градска библиотека, затоа што сите нивни научни трудови се чуваат во роднокрајното одделение во Штип.
„Штип секогаш важел за образовен центар во Македонија кој продуцирал голем број стручни кадри од сите области, од кои голем број во своето образование го достигнале врвот па се стекнале со звањето доктори на науки“, вели директорот на НУБ „Гоце Делчев“ во Штип, Зоран Костовски.
Тој смета дека желбата за академска наобразба се зголемила по отворањето на Универзитетот „Гоце Делчев“, кога всушност и започнале „ Митровденските средби “ со промоција на новите доктори на науки. Некои од повозрасните доктори на науки кои потекнуваат или се родени во Штип сметаат дека условите и критерумите за докторирање, за разлика од минатото време кога тие го заокружувале академското образование, малку се видиоизмениле. Тие се категорични дека не треба да постои никаква попустливост, затоа што добар научник треба да да ги помине сите докторски филтри. Дека на овој план пак се заоструваат критеирумите покажува сè помалиот број доктори што се промовираат од година в година, затоа што порано имало промоции и на дваесетина доктори на науки, а лани и годинава само пет, односно седум.
Штипската библиотека денес располага со научните трудови на сите промовирани доктори на науки, но и на оние кои не биле опфатени со овие промоции, а доктирале порано, во минатиот или во почетокот на овој век. Голем број од нивните научни трудови веќе се дел на роднокрајното одделение. Според податоците, библиотеката „Гоце Делчев“ располага со голема едиција на научни трудови од еминентни научници кои потекнуваат од Штип, а биле на високи државни и општествени функции. Така, во библиотеката се научните трудови на првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, на првиот премиер, академик Никола Клусев чија докторска специјалност биле економијата и инвестициите, потоа научните трудови за воената стратегија и историјата на Македонија на првиот член на МАНУ, генерал Михајло Апостолски кој бил нејзин претседател од 1976 до 1983.
Посебно место во роднокрајното одделение заземаат и научните трудови на докторите по наука од поново време, како што се научните трудови на Иван Савев кој докторирал на Сорбона, научните трудови по хемија на Драгица Зенделска и Панче Наумов кој денес е еден од главните хемиски експерти во Јапонија, научните трудови на историчарите Коста Балабанов и Тодор Чепреганов, кој докторирал на тема „Велика Британија и македонското прашање во светлината на меѓународните односи“.
Одделението располага и со над 300 научни трудови на неговиот брат доктор Методи Чепреганов, автор на три енциклопедии од сферата на мозочната структура, а е почесен член на сите француски медицински асоцијации, па на невропсихијатарот Илија Џонов, кардиохирурзите Сашко Кедев и Жан Митрев кој со својата теорија и практика е еден од врвните кардиохирурзи, на специјалистите по дигестивна хирургија Сашо и Александар Караѓозови и на повеќе други доктори на науки кои не се промовирани, а нивните научни трудови се сместени во роднокрајното одделение на Шипската библиотека.
Штипските доктори на науки се распрскани низ светот. Тие водат значајни проекти од своите области не само во земјата туку и во странство. Работат во разни клиники, институции, но според последните податоци, тројца доктори на науки подолго време се водат како невработени во Агенцијата за вработување во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ