Градежни работници и група млади луѓе, членови на разни граѓански здруженија од Штип, интензивно ја обновуваат трошната куќа на семејството Манасиевски. Акцијата ја покренал младиот штипјанец Александар Георгиевски, откако неодамна самоиницијативно заминал за Хрватска и три дена во Сисак помагал на настраданите во серијата земјотреси.
По враќањето во Македонија, поранешниот пожарникар веднаш почнал да организира хуманитарна акција за обновување на куќичката во која живее семејството Манасиевски со трите малолетни деца, од кои најмалото има три месеци.
Кога и да се отиде во населбата Железничка, која се наоѓа на самиот влез во Штип, секогаш има мајстори и млади луѓе кои нешто работат на куќата. Георгиевски постојано е во потрага по донации од штипските фирми кои сакаат да помогнат во обезбедувањето на градежен материјал. Тука е и хуманитарна организација на чело со Мартин Зарков, која континуирано спроведуваа разни акции.
„Најважно е овој проект да заврши што поскоро, оти е зима и на семејството му е неопходен топол дом. Кровната конструкција веќе е изградена, а во завршна фаза се внатрешното уредување, купатилото и фасадната изолација“, вели Георгиевски.
Елена Манасиевска со солзи во очите упатува голема благодарност до сите хумани луѓе кои донираат материјали или непосредно учествуваат во реновирањето и изградбата на нејзината куќа.
Т. ЈОВАНОВСКИ