Младите штипски ентузијасти, Милан Андонов, Мица Илиевска, Драгана Луковиќ, Ненад Смилков, Јовица Крстов и Мартин Илиевски на своја иницијатива организираа акција и комплетно ја исчистија црквата „Св.Јован Крстител“ во селото Горни Балван која била пренатрупана со отпадоци, а од прашина фреските и иконите не се гледале.
Волонтерите велат дека за Илинден шетале по штипските села и во Горни Балван ја виделе селската црква и сакале да запалат свеќи, до црквата едвај не можеле да пристапат од насобраниот шут и разни отпадоци, а внатрешноста била очајна затоа што од прашина и пајажини ништо не се гледало. Се договориле наредната недела да организираат акција за комплетно чистење и уредување на црквата.
„Најпрвин го ставивме во функција црковниот лустер за да може да се гледа внатре и да работиме, потоа ги извадивме и исправме сите црковни ќилими кои тежеа од прашина, а потоа една група работеше во расчистувањето на шутот и рушевините во дворот на црквата, а другата група, внатре внимнателно ги чистеше фреските и иконите кои од прашината воопшто не се гледаа. Мислам дека црквата целосно е исчистена и копмнплетно средена и жителите слободно можат да ја посетуваат и да го одбележат престојниот патрон ден на црквата 11 септември кога е денот Св. Јован Крстител“, велат Милан Андонов и неговите другарки и дртугари.
Нивната акција ја поздравија жителите од селото Горни Балван и се благодарни што младите ентузијасти најавиле дека во прва наредна прилика ќе спроведат уште една акција за чистење и на манастирот кој се наоѓа на другиот крај на селото, а ќе имаат вакви акции и во некои други црковни и слични објекти и во останатите села кои се во лоша состојба.
„Црквата во Горни Балван датира од 1867 година. Порано за црквата се грижеше мојот татко и повеќе други соселани, а после нив јас ја одржував, но пред десетина години од Музејот во Штип ме предупредија дека ќе ме дадат на суд ако нешто градам или чепкам во објектот. Па така кренавме раце, а црквата и натаму пропаѓаше сè до акцијата на младите штипјани кои целосно ја исчистија“, вели Перо Јанев, еден од помладите жители на ова село кое порано имало 130 куќи со 300 жители, но сега е само со дваесетина селани.
Акцијата на младите штипски волонтери ја поздравија и од Музејот во Штип во чија надлежност се повеќе црковни објекти во селата кои се заштитени како културно наследство.
„Ние за сите објекти кои се под заштита им укажуваме на жителите од селските населби и нивните црковни одбори дека сè што ќе се гради, доградува или поправа од нивна страна треба да биде со знаење на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Штип, па доколку се обезбедат спонзори и средства ќе им се укаже како тоа треба да се направи за да се спазат сите стандарди околу некои евентуални поправки. Од друга страна, Музејот постојано бара средства од Министерството за култура за конзервации и реставрации на заштитените културно-историски и црковни објекти во Општината Штип,“ вели директорот Мите Штерјов.
Т. ЈОВАНОВСКИ