ШТИПСКИОТ МУЗЕЈ ЌЕ ИМА ПОСТОЈАНА ПОСТАВКА ЗА ПРВАТА МАКЕДОНСКА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА

    ШТИПСКИОТ МУЗЕЈ ЌЕ ИМА ПОСТОЈАНА ПОСТАВКА ЗА ПРВАТА МАКЕДОНСКА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВАПоблиското семејство на Славјанка Влахчева на Музејот во Штип го подари сиот материјал со фотографии и пишана документација која веќе се вклопува во подвижна и постојана поставка. (Фото: СДК.МК)

    Со изложбите во Струга и во Скопје, Музејот во Штип почна да ја прикажува поставката за првата медицинска сестра во Македонија, Славјанка Влахчева, и во други градови во земјава. Изложбата е актуелна по повод Меѓународниот ден на здравството, 7 Април.

    „Поставката за првото ‘македонско девојче во бело’, како што штипјани ја нарекувале Славјанка Влахчева, веќе се презентираше во Струга и Скопје, а во наредниот период стоиме на располагање да се прикаже и во други места кои ќе пројават интерес за тоа. Со сите музеи во Македонија имаме одлична соработка, а досегашните излагања беа во соработка со Сојузот на медицинските сестри на Македонија“, вели Емилија Коруновска, кустос во Музејот во Штип.

    Коруновска вели основна цел е во Музејот да има постојана поставка за Влахчева.

    „Во сплет на случајни околности, пред неколку години стапивме во контакт со дел од семејството на Славјанка Влахчева која сиот свој живот го има посветено за доброто на луѓето и за нивно поголемо здравје. Внуците на Славјанка од нејзиниот брат на Музејот во Штип го подарија сиот материјал што тие го имале за тетка им. Подарија голем број фотографии и повеќе пишувани материјали, меѓу нив и документи за разни ордени и признанија што Влахчева ги добивала за време на својот работен и животен век за нејзиниот огромен придонес за развојот на здравството не само во Македонија, туку и на Балканот“, вели Коруновска.

    Музејот во Штип очекува да ја добие најавената финансиска помош за овој проект од Министерството за култура, за да постојаната поставка се отвори за Меѓународниот ден на медицинските сестри, 12 Мај.

    Славјанка Влахчева е родена во 1900 година во Штип и по завршувањето на училиштето на медицински сестри на Друштвото на Црвениот крст во Белград во 1924, се враќа во родниот град како прва школувана медицинска сестра во Македонија. Во тоа време, Влахчева активно се вклучила во борбата против раширената маларија. Подоцна преминала на работа во Антитуберкулозниот центар во Скопје и со нејзината теорија за патронажна служба за спроведување на бе-се-же вакцината била најзаслужна за сузбивање на оваа и останатите слични болести.

    По Втората светска војна на нeјзина иницијатива се основало училиште за медицински сестри во Скопје и таа била првата директорка на училиштето. Посебна активност пројавила во Црвениот крст на Македонија. По долги години успешна работа и основањето медицински училишта и во други градови во Македонија од кое првото било во Штип, почина во 1988.

    И 37 години по нејзината смрт остануваат нереализирани бројните иницијативи на штипјани името на Влахчева да го носи штипското Средно медицинско училиште „Јане Сандански“. Но, и покрај ветувањета дека тоа прашање ќе се разгледа, никој од досегашните директори на училиштето, ниту досегашните градоначалници на Штип не ја оствари иницијативата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира