ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЗАПИШУВА 3.870 СТУДЕНТИ ВО ПРВА ГОДИНА, ЗА ПРВПАТ АКРЕДИТИРА ПРОГРАМА НА АНГЛИСКИ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ

    ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЗАПИШУВА 3.870 СТУДЕНТИ ВО ПРВА ГОДИНА, ЗА ПРВПАТ АКРЕДИТИРА ПРОГРАМА НА АНГЛИСКИ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТРекторот Дејан Мираковски денеска го најави конкурсот за новата студиска година. (Фото: СДК.МК)

    Според објавениот конкурс, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип за новата студиска 2022/2023 година има слободни места за 2.202 студенти во државната квота, 913 редовни со кофинансирање и 755 места за вонредни студенти или вкупно 3.870 студенти.

    „Универзитетот и оваа година ќе продолжи со стипендирање на сите 12 факултети и на двете академии. Се обезбедува стипендирање на најдобро рангираните студенти, па во зависност од факултетот предвидено е стипендирање и за 30 најдобро рангирани, како што е случајот со Факултетот за медицински науки, на останатите факултети за првите 5, 10 и 20 рангирание студенти, како што е случајот на Земјоделскиот, Економскиот Правниот и Технолошкиот факултет, а на Филолошкиот факултет се предвидува стипендирање на сите примени кандидати кои се определиле за Катедрата за македонски јазик“, вели ректорот Дејан Мираковски.

    По воведувањето програми на англиски јазик на Факултетот за правни науки и на Музичката академија, новина за новата студиска година е воведувањето програми на англиски јазик и на Факултетот за медицински науки. За овој факултет во изминатите години владее најголем интерес, а со најновата интернационализација со програмите на англиски јазик интересот уште повеќе е зголемен, па голем број студенти од сите соседни земји, најмногу од Турција, а има заинтересирани и од Украина, веќе аплицирале во Центарот за странски јазици на Филолошкиот факултет во Штип, како подготовка за запишување на Медицинскиот факултет.

    Како што најави Мираковски, првиот уписен рок е на 25, 26, 29 и 30 август, вториот на 9 и 12 септември, а третиот на 21 и 22 септември, но со оглед на тоа што платформата за електронско аплицирање веќе е во функција, заинтересираните кадидати од денеска можат електронски да ги достават пријавите.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира