Здравствените работници во Клиничката болница во Штип, најмногу изложени на опасност од коронавирусот, денеска добија донација од штипските пчелари, во чест на Светскиот ден на здравствените работници 7 Април. И Кумановската болница доби 120 кила мед од Здржужението напчеларите во градот.
„Медот лекува над 300 болести и со своите особини најмногу го зголемува имунитетот на луѓето. Во оваа фаза, се решивме за поддршка на здравствените работници кои во периодов имаат најмногу работа и тие се најмногу изложени на ризик од КОВИД-19“, вели пчеларот Дарко Зенделов кој е еден од најагилните членови на Друштвото на пчеларите во Штип и чии блиски членови на семејството биле здравствени работници.
Неговите колеги Горан Миновски, Симо Делипетров и други велат дека првичната донација е симболична, но очекуваат дека ќе донираат и другите пчелари, а ги има над 100.
„Сигурни сме дека хуманитараната акција ќе биде прифатена и од останатите пчелари и мислиме дека во наредните денови нови тегли мед ќе бидат доставени во Клиничката болница во Штип, како превентивна заштита на здравствените работници кои се грижат за болните не само од коронавирусот, туку и за останатите болни со слични инфекции“, велат штипските пчелари.
Т. ЈОВАНОВСКИ