ШВАЈЦАРИЈА ДАВА ДВА МИЛИОНА ФРАНЦИ ЗА ДОИЗГРАДБА НА РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА РУСИНО КАЈ ГОСТИВАР

    ШВАЈЦАРИЈА ДАВА ДВА МИЛИОНА ФРАНЦИ ЗА ДОИЗГРАДБА НА РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА РУСИНО КАЈ ГОСТИВАРСо новиот проект, Русино треба да прерасне во инженерски дизајнирана санитарна депонија (Фото: СДК.МК)

    Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања со грант од 1,9 милиони франци ќе го финансира проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот регион“. Проектот опфаќа мерки за подобрување на управувањето со цврст отпад, а во план е и надградба на депонијата Русино кај Гостивар, која треба да прерасне во инженерски дизајнирана санитарна депонија.

    Проектот беше презентиран на денешната средба на градоначалниците од Полошкиот регион со претставниците на швајцарската амбасада и Центарот за развој на Полошкиот регион, а присутен беше и министерот за животна средина Насер Нуредини.

    „Целта е да придонесеме за чиста и здрава животна средина. Целиот процес ќе се изведе во три фази. Првата фаза треба да заврши догодина и ќе се однесува на решавање на најсериозните влијанија на депонијата Русино врз животната средина преку изградба на насипи и ровови и рециркулација на исцедните води, а ќе се работи и на зголемување на јавната свест и ќе се овозможи подобро собирање на сметот преку набавка на контејнери. Втората фаза од доизградбата на депонијата Русино ќе трае од 2021 до 2026 година. Вкупната вредност на првата и втората фаза ќе изнесува еден милион и 900 илјади швајцарски франци“, презентираше Јан Герит Тесинк, тим лидер за подготовка на програмата.

    Како втора важна компонента на овој проект ќе биде формирање регионално јавно претпријатие кое ќе управува со депонијата.

    „Овде се работи за една важна заедничка иницијатива, а и ние, според законските прописи, имаме обврска да формираме едно заедничко претпријатие, за кое сметаме дека ќе биде начин за решавање на овој проблем“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

    Депонијата Русино сега не работи според ниедни стандарди. Сметот сега го депонира само гостиварското комунално претпијатие. Жителите од селата околу депонијата не дозволуваат да поминуваат камионите од другите јавни претпријатија од полошките општини додека таа целосно не се уреди.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира