СИЛНО НЕВРЕМЕ ВО БИТОЛА, ПОПЛАВЕНИ УЛИЦИ И ВИЗБИ ВО ПОНИСКИТЕ ДЕЛОВИ НА ГРАДОТ

    СИЛНО НЕВРЕМЕ ВО БИТОЛА, ПОПЛАВЕНИ УЛИЦИ И ВИЗБИ ВО ПОНИСКИТЕ ДЕЛОВИ НА ГРАДОТВечерва заседава општинскиот кризен штаб. Најризично беше во Јени Маале, како и на патот М5 на влезот во градот - (од приватна видео снимка на Александар Секуловски)

    Силно невреме со обилни врнежи дожд, грмотевици и град вечерва ја зафати Битола. Наврнаа над 36 литри на метар квадратен за помалку од половина час. Надојдената вода, посебно во пониските делови од градот, не можеше да ја прими атмосферската канализација и дел од улиците, дворовите, визбите и гаражите се поплавија. На социјалните мрежи има фотографии на кои возилата до половина минуваат низ поплавените улици.

    „Ваква количина на дожд не паднала во изминатите десетина години. Од невремето беше зафатена половина Битола. Надојде многу вода и шахтите на одводната канализација беа немоќна да ја соберат. Најризично беше во Јени Маале, како и на патот М5 на влезот во Битола од правец на Прилеп, каде е можно да има затнати сливници. Но, нашите екипи се на терен и се преземаат мерки за нормализирање на состојбата“, рече Методија Силјановски, директор на Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола.

    Вечерва во Општина Битола ќе се состане кризниот штаб за да се согледаат евентуални штети и неопходни мерки за преземање.

    Силно невреме со обилни врнежи дожд и град ја имаше зафатено Битола и пред два дена, кога Општината испрати јавен повик до земјоделците да пријават ако имаат штети од невремето.
    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира