Синдикатот на ЈСП „Скопје“ бара усогласување на платите на сите вработени со минималната плата, во спротивно ќе излезат на протести. Мичо Стојановски, претседател на синдикалната организсција на ЈСП, вели дека зголемувањето кое законски им следи е 2.170 денари и бараат од мајската плата тие пари да им се исплаќат.
„Извршено е усогласување на вработените со минимална плата, сега бараме да се изврши исто и на нашите плати. Барањето е доставено до Управниот одбор на претпријатието, до директорот Крсте Петревски и до градоначалничката Данела Арсовска. Доколку во јуни платата што ќе ни биде исплатена за мај не биде повисока, сешто ќе може да се очекува и ќе излеземе на протести“, вели Стојановски.
Тој вели дека сега платите на возачите и сервисерите се многу ниски, а трошоците за живот зголемени. Поради тоа, во изминатиов период голем број возачи и сервисери го напуштиле претпријатието.
„Само годинава 60 возачи одат во пензија, ќе нема кој да вози. За зголемувањето потребни се 5 милиони денари месечно или 60 милиони денари годишно, што сметаме дека не се многу пари“, додава Стојановски.
На 20 октомври лани, Скопе првпат во историјата остана без јавен превоз, оти автобусите на ЈСП „Скопје“ почнаа штрајк оти немаа земено плата за септември, а раководствата на претпријатието и на Град Скопје не најдоа решение како навреме да им се исплати. Истиот ден, на вонредна седница Советот на Град скопје пренамени околу 2 милиона евра од други проекти од буџетот за плати во ЈСП „Скопје“, по што автобусите почнаа да возат. Додека штрајкуваше ЈСП, возеа само приватните превозници, но откако Арсовска ги раскина договорите и со нив, тие скоро пола година не се вклучени во јавниот превоз.
А. АНТЕВСКА