Стечајката Љиљана Георгиевска в понеделник и среда (17 и 19 октомври) треба да се појави на судење во Основниот суд 1 во Скопје, поради нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување на материјална штета на протести пред Владата. Таа добила две покани од истиот суд, за две судења во различни термини, за исти дела, за прекршок што наводно го сторила пред три години.
„Во оваа држава сите крадат, а само Љиљана Георгиевска ќе оди на суд. Ме тужат за глупости. Сум направила штета на Република Македонија, пред Владата сум скршила оловна цевка. Па таа не може ни со бонсек да се исече, а не со голи раце да се скрши. Јас и на судијката ѝ реков: Да бев јас толку силна и полицајците ќе ги истепав, па ќе влезевме во Влада. Тоа беше на протест во 2014 година, полицијата направи престап и влезе меѓу стечајните работници. Тоа дело е веќе и застарено, но идат избори па да ме заплашат малку. Додека вистинските ајдуци се шетаат слободно по државата и никој ништо не им може, чесните стечајци, гладни и боси, ќе одговараат пред судови“, вели Георгиевска.
Таа судењета ги смета за класичен притисок да престане со протестите за правата на стечајците. Вели дека не се плаши, бидејќи постои цеде од протестот, а има и сведоци кои ќе потврдат дека таа не ги сторила делата за кои е обвинета.
Поддршка пред Судот во понеделник на Георгиевска ќе ѝ бидат стечајците од цела држава, кои во 10 часот ќе ја блокираат раскрсницата кај Судска пaлата. Поради тоа, денеска нема да се одржи протест на влезот во Куманово што го организираат секој петок. Стечајните работници бараат од невладините организации, политичките партии и граѓаните да им се приклучат и да им помогнат во остварување на нивните права.