Нема да дозволам овој дел кој секогаш граѓаните го користеле како јавен простор да стане 20-метарска барокна зграда, Скопје е единствен град во светот како што Плоштадот е продаден, рече градоначалникот Петре Шилегов за просторот кој ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година го продаде на албанската фирма „Амадеус груп“ за да се гради зграда.
Во рамките на проектот на Град Скопје за реновирање на плочникот од Градскиот трговски центар и Портата до Плоштад Македонија, дел од просторот не е уреден бидејќи Град Скопје не може да интервенира на приватен имот. Шилегов рече дека тревата која е насадена и саксиите со цвеќе и зеленило се инвестиција на совесни граѓани кои не сакале овој простор да остане дупка.
„Овој тревник зад мене, за жал, од власта на ВМРО-ДПМНЕ беше продаден на приватна фирма. На овој простор е предвидена 20-метарска зграда и со тоа улицата кај поранешната стоковна куќа ‘ НАМА‘да биде широка 3 метри. Додека сум јас градоначалник ќе се грижиме овој простор да остане јавен простор. Секогаш бил јавен простор, така се користел и нема зошто сега да не се користи“, рече Шилегов.
Шилегов кажа дека очекува врз основа на обвинението поднесено од Обвинителството, Кривичниот суд да ги осуди криминалците за нелегалната продажба и земјиштето повторно да стане државна сопственост и да се користи како јавен простор.
На новинарско прашање колку ќе биде оштетена државата и буџетот доколку се раскине договорот со оглед дека инвеститорот платил за земјиштето, Шилегов рече дека нема да биде оштетен никој бидејќи тие пари како што се уплатени во буџетот така ќе му се вратат на инвеститорот.
„Не гледам зошто мислите дека тоа што штитам јавен интерес е ароганција. Како биле уплатени средствата така ќе бидат вратени, тоа нема нас да нѐ чини. За мене приоритет е да го заштитам, а не да го продадам Плоштадот и ќе направам сѐ така да остане. Ќе си се осудат криминалците за нелегалната продажба и ќе се вратат парите кои биле уплатени од инвеститорот, тука не се оштетува буџетот“, рече Шилегов.
Парцелата од 1.046 квадратни метри власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година ја продаде на фирмата од Албанија „Амадеус груп“ за 1,5 милиони евра, да гради зграда со таканаречени Шпански скали.
За продажбата на државното земјиште за изградба на таканаречените Шпанските скали, Обвинителството за организиран криминал и корупција во декември лани поднесе обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик-правобранител и бизнисмени. Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје за таканаречените Шпански скали, проект кој требаше да биде дел од „Скопје 2014“. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа. Во обвинението се вели дека со своите дејствија обвинетите предизвикале штета на буџетот во вкупен износ од 2,6 милиони евра.
А. АНТЕВСКА