СКОПЈЕ СО ДАНЕЛА НЕ ЛИЧИ НА ГЛАВЕН ГРАД НА ЗЕМЈА-ЧЛЕНКА НА НАТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ КОЈ ЈА ДОНЕСЕ АРСОВСКА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА, А СЕГА ЌЕ Ѝ ОДЗЕМА ИНГЕРЕНЦИИ

    СКОПЈЕ СО ДАНЕЛА НЕ ЛИЧИ НА ГЛАВЕН ГРАД НА ЗЕМЈА-ЧЛЕНКА НА НАТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ КОЈ ЈА ДОНЕСЕ АРСОВСКА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА, А СЕГА ЌЕ Ѝ ОДЗЕМА ИНГЕРЕНЦИИМицкоски во изборната кампања во 2021 велеше дека на Скопје му треба „жена менаџерка“ и дека таа Скопје ќе го направи модерен град.(Фото: Фејсбук)

    Владата на наредната седница ќе распарава за хигиената во главниот град, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека сега Скопје на чело со Данела Арсовска личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО. Затоа, рече тој, се размислува на Арсовска да ѝ се одземат дел од ингеренциите.

    „Алармантна е ситуацијата и секој ден имаме повици од граѓани. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме и некои дополнителни чекори за друг тип ингеренции и обврски што ги има Градот Скопје, а коишто гледаме дека не ги извршува навремено, посебно во делот на хигиената. Секојдневно граѓаните реагираат до Владата и затоа јас ова прашање ќе го отворам на наредната владина седница. Ова што денеска се случува во Град Скопје личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО Алијансата и земја кандидат за членство во ЕУ“, кажа Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на доградба и надоградба на градинката „Срничка“ на објектот „Изворче“ во Општина Аеродром.

    Мицкоски кажа и дека Владата ја плаќа ратата за автобусите на гас кои беа набавени во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, оти ЈСП „Скопје“ и Град Скопје немаат пари. Додаде дека секојдневно граѓани му се жалат оти на улиците нема автобуси и дека за овие проблеми тие како Влада ќе бараат решение.

    Данела Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година. Тогаш, Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „жена менаџерка“ и дека таа Скопје ќе го направи модерен град.

    Десет месеци откако стапи на функција Арсовска се скара со Мицкоски, почна да ги разрешува ВМРО-вските кадри кои беа поставени за директори на јавните претпријатија и постојано од говорницата во Советот на Град Скопје се караше со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски го наречуваше „шпицен кандидат“ и велеше дека „ги фатила со рацете во мед“.

    Арсовска повеќе од пола година не е појавена во јавност. Во Град Скопје никој не одговара на новинарски повици и прашања, оти заминаа речиси сите соработници од нејзиниот кабинет.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира