Директорот на скопската Универзалана сала Горјан Христовски бара вработени да се унапредат и да земаат поголема плата, а салата не работи 7 години и стои разурната. На денешната седница на Советот на Град Скопје како точка на дневен ред беше планот за вработување во Универзална сала за 2024 година.
„Во делот на унапредување и распределување има наведено унапредување на вработен од домаќин во тон мајстор, унапредување од хаусмајстор во сценско-визуелни ефекти, унапредување од возач во сценско-визуелни ефекти и унапредување од хигиеничар во друг одговорен сценски работник. По кои критериуми е направена оваа анализа и какво искуство имаат лицата за да извршува работни обврски од сценско-визуелни и одговорен сценски работи, а унапредувањето е од многу пониска систематизација“, праша советникот во Советот на Град Скопје Гордан Шутаров од СДСМ.
Градоначалничката Данела Арсовска, како и на претходните неколку седници, не беше присутна, а одговор немаше ниту од директорот Христовски.
Универзална сала со одлука на Советот на Град Скопје пред еден месец ја презеде Министерството за култура, оти Арсовска не продолжи со реновирањето кое го почна нејзиниот претходник Петре Шилегов. Сега Министерството треба да ја доврши првата фаза односно надворешноста, па да продолжи со реновирање на внатрешноста.
Вработените земаат плата за да организираат настани поврзани со активностите на Град Скопје.
А. АНТЕВСКА