СКОПСКИОТ ПЛОШТАД ВМРО ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА СТАНА ПАРКИНГ И НИКОЈ НЕ КАЗНУВА, А Е ПРЕД КАНЦЕЛАРИИТЕ НА „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“

    СКОПСКИОТ ПЛОШТАД ВМРО ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА СТАНА ПАРКИНГ И НИКОЈ НЕ КАЗНУВА, А Е ПРЕД КАНЦЕЛАРИИТЕ НА „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“Столпчињата беа трганти летово поради градежни работи на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“, за да може да пристапат камионите. (Фото: СДК.МК)

    Коли секој ден слободно се паркираат на Плоштадот ВМРО во строгиот центар на Скопје. Откако летово поради градежни работи на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ (поранешно „Беко“) работници  ги тргнаа столпчињата за да можат да пристапат камионите, возилата влегуваат по пешачката патека и ја окупираат. Дел стојат паркирани и пред белата палата на партијата ВМРО-ДПМНЕ, но никој не ги казнува.

    На Плоштадот ВМРО се наоѓаат простории на ЈП „Градски паркинг“, а само неколку метри подолу и канцелариите на директорот на претпријатието и службите.

    Вработените во околните дуќани и банки велат дека коли по цел ден минуваат низ плочникот и никој не одговара на нивните барања да се прати пајак служба или инспектори и комунални редари за да ги казнат.

    Од Општина Центар велат дека Плоштадот ВМРО е под надлежност на Град Скопје и тие треба да постават столпчиња и да го решат проблемот со паркирани коли.

    Од Град Скопје не добивме одговор на нашето прашање иако прашањата до кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска ги испративме пред два дена.

    Плоштадот ВМРО беше изграден во 2016 и чинеше околу 1,5 милиони евра, пари кои беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Фонтаната е изведена по идејно решение на Елена Дуковска. На врвот стои лав, а на столбот релјефи од историјата на ВМРО.

    Просторот околу Плоштадот ВМРО со години е запуштен, валкан и несреден. Барокните канделабри кои ексградоначалникот Коце Трајановски ги постави на Плоштадот ВМРО по неговата изградба, четири години стојат расфлени низ плочникот, уништени и затрупани со ѓубре. Откако инвеститорот на хотелот ТЦЦ „Плаза“ почна со изградба на новиот објект, канделабрите беа извадени и оставени да стојат на плоштадот. Освен што се оштетени и искршени, служат и како канти за отпадоци, а на нив висат закачени кеси со ѓубре и пластични шишиња. Исто така, го блокираат и движењето низ плоштадот, а оштетен е и плочникот.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира