Денеска официјално е отворен пунктот на МВР за фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје без претходно закажување на редовната постапка, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Пунктот се наоѓа во салата на сообраќајната полиција во склоп на Полициската станица „Пролет“.
Согласно Преспанскиот договор потпишан со Грција, до 12 февруари 2024 мора да се променат личните документи и да стои уставното име Република Северна Македонија.
„За таа цел, периодов инсталиравме 10 нови работни станици каде што ќе можат граѓаните да извршат сликање за документите. Системот е тестиран и овозможува по околу 1.000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Работното време на пункот е од 8 до 18 часот, со можност за продолжување до 20 часот. До овој момент на ниво на државата заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80 отсто ги имаат направено промена на документите со Република Северна Македонија“, кажа Спасовски.