СКРАТУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ НА КАФЕАНИТЕ, ПОБАРА КРИЗНИОТ ШТАБ ВО ВЕЛЕС

    СКРАТУВАЊЕ НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ НА КАФЕАНИТЕ, ПОБАРА КРИЗНИОТ ШТАБ ВО ВЕЛЕСЗаради заштита и обезбедување на Модуларната болница, директорот побара ангажман на АРМ, за да нема контакти на роднини, пријатели со болните. (Фото: СДК.МК)

    Младите се заразуваат асимтоматски и потоа вирусот им го пренесуваат на повозрасните членови од семејството, поради што има сериозно зголемување на ковид случаите во Велешко,  рекоа здравствените работници на денешната седница на Општинскиот кризен штаб во Велес. Затоа се побара намалување на работното време на угостителите.

    „Здравствената состојба со коронавирусот во Велешко е сериозна и далеку полоша отколку во месец февруари. Бројот на новозаразени е зголемен, променлив и постојано во пораст. Се заразуваат млади кои се асимтоматски и потоа го пренесуваат на повозрасните членови на семејството. Младите се собираат во угостителските објекти и од таму доаѓа најголемиот ризик, затоа побаравме како Кризен штаб да се намали работното време на угостителите“, кажа на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес Аце Коцевски, како командант на Кризниот штаб.

    Во Велешко денес напладне имаше активни 365 ковид случаи, од нив 322 се на домашно лекување, а 43 во Велешката болница. Во гарнизонот на АРМ имало пет позитивни лица, во СВР Велес едно позитивно, ЈКП Дервен две лица. Од здравствените работници во градот има позитивно само едно лице, медицинска сестра од Здравствен дом.

    Заради заштита и обезбедување на Модуларната болница, директорот побара ангажман на војниците на АРМ, за да нема контакти на роднини, пријатели со лицата кои се таму згрижени.

    „Модуларната ковид болница не е во склопот на постојните објекти и не ја покрива обезбедувањето кое ни е ангажирано, затоа побарав од Општинскиот кризен штаб да се ангажираат неколку војници на АРМ за нејзино обезбедување“, рече д-р Божидар Бојаџиев, директор на Велешката болница.

    Градоначалникот Коцевски посочи пример зошто некои лица не се пријавуваат за изолација.

    „Има реакции дека некои од работодавачите не им исплаќаат полна плата на вработените кои се на боледување од ковид заразата или се во изолација, тие лица ги кријат контактите, одат на работа и така ги доведуваат во прашање здравјето на колегите, со цел да остварат цела плата“, рече Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира