СЛАВЕЛЕ РОДЕНДЕН И ЦЕЛА КУЌА ИМ ИЗГОРЕЛА

    СЛАВЕЛЕ РОДЕНДЕН И ЦЕЛА КУЌА ИМ ИЗГОРЕЛАЖителите на Дукатино почнаа да се организираат зада му помогнат на семејството Ристови - Златко Ристов кој иако ја изгуби целе куќа е среќен дека успеал сите да ги спаси од пожарот пред да се урне покривот (Фото. В. Трајков)

    Семејството Ристови од струмичко Дукатино остана без дом откако синоќа после полноќ избувна пожар во нивната куќа а за неколку минути паднала целата кровна конструкција.

    Златко  Ристов  кој има изгореници по вратот кога се обидувал да спаси нешто од покуќнината тврди дека малку недостасувало да бидат затрупени од таванот и покривот. Сѐ уште не може да поверува  што му се случило иако неколку часа претходно се радувале бидејќи славеле роденден.

    „Гостите си заминаа околу 22 часот и си легнавме. Околу 2 часот и 30 минути мајка ми ме разбуди и кажа дека нешто пука. Кога станав, што да видам – цела соба гори. Пламените јазици набргу се проширија по останатите соби и покривот, кој почна да паѓа. Успеав  семејството да го  изнесам надвор и повикавме помош. Дојдоа соседите, но чешмите беа замрзнати и немаше вода. Пред мои очи ми изгоре домот. Не успеавме ниту облека да си земеме“ низ солзи раскажува Златко од Дукатино кој целата своја заштеда есенва ја  инвестирал  во реновирање на куќата.

    Пожарникарите повеќе од еден час се бореле со пожарот со цел да не се префрли огнот на соседните  куќи и штали. Засега не се знаат причините како настанал пожарот во семејната куќа на Ристови, во која неколку часа претходно го славеле роденденот на ќерка си.

    Семејството сега нема каде да оди, оти од куќата се останати  само темелите. Жителите на Дукатино почнаа да се организираат и да му помогнат на Златко Ристов кој ги моли сите хумани луѓе да му помогнат за да изгради соба каде ќе ја преживее зимата.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира