СЛОВЕНИЈА НУДИ ВРАБОТУВАЊА ЗА ШОФЕРИ, КУВАРИ, МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ДО ДОКТОРИ СПЕЦИЈАЛИСТИ ОД МАКЕДОНИЈА

    СЛОВЕНИЈА НУДИ ВРАБОТУВАЊА ЗА ШОФЕРИ, КУВАРИ, МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ ДО ДОКТОРИ СПЕЦИЈАЛИСТИ ОД МАКЕДОНИЈАДесетици словенечки работодавачи од различни индустрии во Битола ги претставија своите понуди за вработување. (Фото: СДК.МК)

    Од шофери на автобуси, кувари, градежници до медицински сестри со средно и високо образование, општи доктори и специјалисти по патологија, хирургија, радиологија, кардиологија и други работни профили бара Словенија во Македонија. Минималната плата е 1.200 евра, а докторската до 2.500 евра. Десетици словенечки работодавачи од различни индустрии, особено од областа на здравствената и социјалната заштита, ИТ секторот, транспорт, угостителство и туризам ги претставија своите понуди за вработување пред битолчани на промотивниот настан организиран од Заводот за вработување на Словенија и словенечката амбасада во земјава. Ваква промоција Словенечката амбасада организираше и во Скопје.

    Битолчани со поделени мисења, едни сметаат дека платите не се толку високи за да ја напуштат Македонија, а други дека се многу повисоки од нашите.

    „Според мене, платите во Словенија не се високи, како што ни соопштија 800 до 900 евра за кувар, останатото се придонеси. Нудат претежно работа во старски домови и болници. Јас бев заинтересиран колкави се платите и дали животот таму би бил подобар оттука. Според мене не се исплатува да се оди зашто има и други трошоци. Ни рекоа дека ќе ни најдат некое сместување во гарсониера, но мора да се земат во предвид и други животни трошоци“, рече Цанко Трајковски, еден од заинтересираните граѓани кои се појавува на настанот да добијат информации.

    „Аплицирав за работа во фабрика за гуми и пластика. Ми рекоа ќе добиеш одговор за два до три дена. За платата потоа ќе ми кажат, ако добијам виза за работа. Ќе заминам, зошто да не. И порано сум бил во Словенија. Таму е многу подобро од Македонија, поголеми плати има, а храната веќе дојде со цени приближно колку нашата“, рече битолчанецот Љупчо Петревски.

    Претставници на словенечките болници кои присуствуваа на промоцијата на работните места во Словенија рекоа дека кај нив најмногу недостасува медицински кадар.

    „Во Словенија најголемата потреба е за медицински сестри, тоа е кадар кој е во големо намалување. Има недостиг и на доктори од општа медицина, па различни видови специјалисти во различни болници. Вака е состојбата зашто нема голем прираст на населението, инаку нашите медицински кадри не мигрираат кон западноевропските земји“, рече Маја Целин, водителка на кадровска служба во болницата во Изола.

    Жива Штиглиц, раководителка на секторот за меѓународна соработка од Завод за вработување на Словенија, рече дека настанот е организиран со цел заинтересираните лица за работа да добијат комплетни податоци за работничките права.

    „Побарувачката на работници е сè поголема и затоа бараме од други земји кадри кои сакаат да работат во Словенија. Вакви настани ќе има и во други држави од регионот, но Македонија е првата земја која ја одбравме зашто работниците од Македонија се добри“, рече Штиглиц.

    Работниците кои не се од Словенија имаат еднакви права како и тамошните државјани во поглед на работните услови, плата, престанок на договорот за работа, безбедност и здравје на работното место, слобода на здружување, образовно и стручно усовршување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира