СМЕТКИТЕ ЗА ПАРНО ЗА ОКТОМВРИ СЕ ДОСТАВЕНИ, ВЕЛИ ЕСМ, ОТВОРЕН НОВ ПУНКТ ВО ГТЦ

    СМЕТКИТЕ ЗА ПАРНО ЗА ОКТОМВРИ СЕ ДОСТАВЕНИ, ВЕЛИ ЕСМ, ОТВОРЕН НОВ ПУНКТ ВО ГТЦНовиот пункт за потрошувачи е во објектот на дирекцијата на АД ЕСМ, на улицата 11 Октомври, до ГТЦ. (Фото: МИА)

    Заврши доставата на сметките за парно за октомври, а во тек е нивната наплата, вели помошничката на директорот за производство од АД ЕСМ, Александра Маројевиќ. Чести се реакциите на скопјани дека веќе сме декември, а сѐ уште немаат добиено сметки за парно за октомври и ноември.

    Износот на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати е ист со оние за август и септември, рече таа на денешната прес-конференција.

    „Износот на финансиската поддршка за секој потрошувач од категоријата домаќинства одделно е прикажан во фактурата како поединечна финансиска поддршка за фиксните и варијабилните трошоци. Потрошувачите ги добија фактурите на ист начин како и претходно, односно оние кои ја користеле услугата ‘е-фактура’ фактурата ја добија во електронска форма на нивната е-пошта, додека останатите потрошувачи ја добија фактурата во хартиена форма на својата адеса на живеење“, вели  Маројевиќ.

    Таа ги повикува сите потрошувачи кои ја добиваат фактурата во хартиена форма да ја искористат можноста за добивање на е-фактура затоа што, како што вели, е тоа најсигурен, најбрз и најекономичен начин на достава.

    Маројевиќ денеска го претстави новиот пункт за потрошувачи, во објектот на дирекцијата на АД ЕСМ, на улицата 11 Октомври, во ГТЦ. Потрошувачите можат да ги платат фактурите за топлинска енергија издадени од ЕСМ СНАБДУВАЊЕ и да склучат договори, како и да добијат информации во врска со фактурите, начините на плаќање, да поднесат формулар за добивање на е-фактура.

    „Истите услуги нашите потрошувачи можат да ги добијат и во другите два пункта на ЕСМ Снабдување на кои функционираат од 15-ти октомври, едниот лоциран на во населбата Тафталиџе и другиот лоциран во населба Аеродром“, додаде Маројевиќ.

    Работното време на сите три пункта е од понеделник до петок од 7:30 до 19 и сабота од 8 до 13 часот. Пунктот на ЕСМ Снабдување кај Олимписки базен не е повеќе во функција.

    „Ги повикувам потрошувачите за сите прашања поврзани со нашата дејност и услуги, или пријави на дефекти и рекламации за квалитетот на греењето, како и за достава на формуларот за е-фактура, да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“, додава Маројевиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира