Плажата на Воениот камп на Свети Наум се смета за една од најубавите во Охридскиот Регион, но самиот камп е во многу лоша состојба. За време на пандемијата, на плажата во кампот им беше дозволено да влегуваат само на вработените во АРМ.
Вилите во кои главно се сместуваат припадниците на АРМ со висок воен чин (Фото: СДК.МК)
Стариот тоалет кој се користеше до преклани е во очајна состојба и е затворен, но и новиот тоалет не е во многу подобра состојба. Приколките се исто така стари и валкани.
Тоалетите од лани се дислоцирани и се во лоша состојба. (Фото: СДК.МК)
„Ми зборуваа дека ова е една од најубавите плажи во Охрид уште од времето на некогашниот југословенски претседател Тито. Мајка ми е Македонка и дојдовме тука да ја видиме. Во право се, плажата е многу убава, има ситен песок кој не се мати, водата е чиста и многу е пријатно за пливање. Но, кога го видов тоалетот кој мириса лошо и приколките, си помислив дека се мали шансите пак да дојдам овде“, ни рече еден турист од Норвешка.
Тоалетите кои се користеа до преклани. (Фото: СДК.МК)
Уште една грда глетка се недовршените бунгалови над плажата. Во мај во 2011, тогашниот министер за одбрана Зоран Коњановски најави изградба на 15 бунгалови кои требаше да бидат завршени до крајот на август во 2011.
Бунгаловите кои почнаа да се градат во 2011 уште не се довршени. (Фото: СДК.МК)
Комплексот по завршувањето на првата фаза требаше да има 34 бунгалови кои требаше да бидат готови до 2012, а кампот да биде од полуотоворен тип така што, покрај припадниците на АРМ, да може да летуваат и останатите граѓани.
Плажата се смета за една од најубавите во охридскиот регион. (Фото: СДК.МК)
Од Министерството за одбрана сега велат дека во наредните буџетски години ќе бидат предвидени средства за Авто кампот „Васко Карангелески“ на Свети Наум, и согласно законските процедури ќе се пристапи кон можноста за подобрување на условите за сместување.
„Овој камп е од отворен тип и истиот покрај тоа што можат да го користат вработените во Министерството за одбрана и Армијата може да го користат и останатите граѓани. Од капацитети, кампот располага со приколки и апартмани и места за поставување на шатори“, ни рекоа од Министерството.
Во мејлот што им го испративме, ги прашавме дали и кога е планирано реновирње на приколките и на тоалетите и кога ќе доизградат започнатите бунгалови.
„Во однос на прашањето за реновирање на тоалетите, приколките и кампот, ве информираме дека во Планот за работа за 2024, не е предвиден ваков зафат, а со тоа и во Буџетот на Министерството за одбрана не биле предвидени средства за оваа намена. Но, реновирањето на Кампот ќе биде опфатен во Планот за работа и во Буџетот на МО од 2025“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од МО.
Во ценовникот што ни го испратија пишува дека изнајмување на шаторско место на ден чини 300 денари, изнајмување на приколка 500 денари, а изнајмување на апартман на ден е 1.000 денари за припадниците на АРМ и вработените во МО. За надворешните гости чини 500 денари за шатор, 700 за приколка и 1.500 за апартман, со тоа што предност за резервации имаат вработените во АРМ и во МО и оние кои работеле во АРМ а сега се пензионирани.
М. ЏАРОВСКА