Археолошкиот локалитет Стоби во првата половина од годинава бележи висока посетеност, која најавува дека ќе има успешно лето, период кога има најмногу гости. Директорот Спасе Перовски е оптимист дека годинава ќе се надмине рекордот од 2018, кога имало околу 22.000 посетители.
„Археолошкиот локалитет Стоби е златната белегзија која ја има Македонија. И затоа треба максимално да ја искористиме и да ја промовираме. Годинава сме на патот да го надминеме високиот праг на посетеност од претходните години. Имаме наплив на туристи, бројки кои ги надминуваат претходните. Пролетва имавме голем број ученици, основци и средношколци од Македонија на екскурзии, наменски за Стоби. Странските посетители се побројни од домашните“, вели Перовски.
Во првата половина од годинава Стоби го посетиле 9.939 туристи, повеќето од нив последните два месеца, а лани за шест месеци имало 7.419 гости. Во текот на целата 2023 во локалитетот имало 20.556 посетители.
Во рамките на Стоби има и суверниница, со триесетина различни рачни изработки.
П. ПЕЧКОВ