Општина Битола во 2026 и 2027 ќе даде 355.000 евра од парите доделени од унгарскиот кредит од Владата за да изгради терариум наменет за змии и други влечуги, како и за живеалиште за копитари. Во измените и дополнувањата на Програмата за развојни планови што ги донесе општинскиот Совет, за 2026 и 2027 година предвидено е за терариум да се дадат вкупно 169.000 евра, а за живеалиштето за копитари 185.000 евра. Само годинава, изградбата на овие објекти ќе чини над 205.000 евра.
За парите што ќе се потрошат бурно се дискутираше и на седницата на Советот минатата недела. Советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушева рече дека во услови кога луѓе се трујат во најголемиот електроенергетски гигант во змејава, РЕК „Битола“, улиците се со дупки, а депонии има наоколу, Општина Битола троши огромни пари за терариуми и копитари.
„Ова ми лици на анегдотата со Марија Антоанета, француската кралица која живеела во дворец во Париз. Кога ѝ кажале дека луѓето немаат леб, таа одговорила ‘нека јадат колачиња’. Се прашувам кој ќе има профит од овие живеалишта за копитари и змии? И ако имате можност да ја подобрите зошто не набавивте слон или жирафа“, рече Ристевска-Петрушева.
За труењето во РЕК претседателот на Советот Бојан Бојкоски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, ѝ рече дека требало како партија да се грижат и за предметот „Адитив“, за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“ каде главен осомничен е поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство.
„Но тогаш не бевте загрижени бидејќи изгледа многу си лапавте“ ѝ рече Бојкоски. Ристевска-Петрушева му возврати на ист начин за Зоолошката градина, прашувајќи „кој во моментов лапа?“.
„Да кажувате дека не треба да се прави, а на потегот од Скопје до Атина единствената зоолошка е оваа во Битола, значи дека сте против изградба и реновирање на живеалиштата во Зоолошката. Има процедури како да се градат живеалишта, по стандарди на ЕАЗА-Европска асоцијација на зоолошки градини и аквариуми. Во спротивно, ниту една зооградина во целиот свет нема да ни даде на поклон животно. Никој нема да ви продаде, ниту да ви подари слон ако немате живеалиште за него“, рече Бојкоски.
Зоолошката градина во Битола постои 76 година и во изминатиот период честопати имаше најави дека постои опасност од затворање поради условите за престој на животните. Нема доволно кадар и дури сега се најавени 12 нови вработувања. Денес ја посети и градоначалникот Тони Коњановски, а потоа од Општината преку писмено известување до медиумите соопштија дека изградбата на терариумот и објект за копитари се финансираат со пари од вториот владин повик преку Министерството за култура и туризам.
Најавија дека денеска се очекуваат да пристигнат и нови жители – мајмуни патас, лемури и коати од зооградината во Скопје, а до мај како подарок од Зоолошката градина во Белград и бизон, антилопи, коати, свет ибис, сервал.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



