СО „КАВАЛЕРИТЕ“ И НИЕ МОЖЕ ДА ПРОШЕТАМЕ – ЗА СТАРИТЕ И НЕМОЌНИ ЛИЦА СТРУМИЦА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТНО ВОЗЕЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНИ КОЛИ

    СО „КАВАЛЕРИТЕ“ И НИЕ МОЖЕ ДА ПРОШЕТАМЕ – ЗА СТАРИТЕ И НЕМОЌНИ ЛИЦА СТРУМИЦА ВОВЕДЕ БЕСПЛАТНО ВОЗЕЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНИ КОЛИЦелата рута е околу 2,5 километри, при што патниците може да ја видат општинската зграда, струмичкото корзо, големиот парк, спортските објекти, а попатно да застанат до некој од угостителските објекти. (Фото: СДК.МК)

    Околу 30 минути трае прошетката со „кавалери“ – со електрични еколошки возила- низ центарот на Струмица за повозрасните струмичани и лица кои тешко се движат. По примерот на главниот град на Словенија, Љублана, Општина Струмица воведе бесплатно возење и прошетка за овие ранливи групи низ центарот на градот. Целата рута е околу 2,5 километри, при што патниците може да ја видат општинската зграда, струмичкото корзо, големиот парк, спортските објекти, а попатно да застанат до некој од угостителските објекти.

    Освен во стариот дел на Љубљана кој е прогласен за еко зона, од 2021 ‘кавалири’ возат и по гробиштата Жале, но и низ клиниките кои работат под покровителство на Клиничкиот центар во Љубљана и Институтот за онкологија. (Фото: Општина Љубљана)

    „Кавалерите“ може да се движат со максимална брзина до 5 километри на час, а одеднаш може да се возат седум патници. Возилата кои се на електричен погон застануваат на неколку точки по рутата. По потреба застануваат ако се симне некој или пак има нов патник.

    „Станаа атракција, морам да ви признаам. Во првите денови, најчесто оваа услуга ја користеа младите, но откако им помина меракот сега претежно се качуваат повозрасни лица. Возиме од 10 до 14, а може и до 15 часот кога времето е убаво. Стартуваме од општинската зграда и се движиме по струмичкото корзо. Потоа се упатуваме до големиот парк каде се посетува амфитеатарот, спомениците, езерцето, па одиме до стадионот и спортската сала и се враќаме назад кон општинската зграда. Некои се возат за да  дојдат до паркот, некои до спортските објекти, некои до плоштадот оти ние постојано кружиме по сегашната рута“, вели Столе Грнчаров, еден од возачите.

    Возиме од 10 до 14, а може и до 15 часот кога времето е убаво, вели Столе Грнчаров, еден од возачите на „кавалирите“. (Фото: СДК.МК)

    „Кавалерите“ во Струмица се донација од општествено одговорни компании, велат од Општината. Со нив ќе стопанисува новоформираното јавно претпријатие „Струмица транспорт“ кое ја почна постапката за набавка на електрични автобуси за еко градски превоз. Засега низ центарот на градот кружаат два „кавалери“. Тие се движат на електрични батерии кои преку ноќта се полнат. Двете возила се паркирани во кругот на Општината.

    „Досега на двата ‘кавалери’ дневно во просек се возат по околу 100 тина патници. Ние се движиме само кога времето е убаво. Вообичаено, позитивни се реакциите од патниците. Неодамна возев и српски гости. Беа изненадени што бесплатно можеа да се возат и да го видат паркот, струмичкото корзо и попатно некои стари објекти. Им објаснував каде се движиме, а најмногу се интересираа каде може да купат традиционален струмичкиот ајвар и каде била струмичката касарна“, вели Грнчаров и додава дека им помага на патници кои тешко се движат за да се качат на возилото.

    Допрва треба да се стандардизира патеката каде ќе се движат „кавалерите“ во центарот, но и термините на поаѓање и застанување на сите попатни станици. Ќе се користи рута која ќе биде пешачка и нема сообраќај на други возила. Преку летото се очекува овие возила да се движат и повеќе часови место сегашните четири до пет.

    „Со години се немам прошетано во центарот на градот. За мене лично оваа услуга е одлична. Слушнав дека наши членови ги користеле овие коли, при што возачите им помогнале за качување и симнување. Со самата прошетка не само што може да ги видат убавините на големиот градски парк, ќе може да се социјализираме, да поразговараме со други патници. Убава можност е тоа, не само за нашите членови туку и за сите граѓани кои тешко се движат, а секако тука се и пензионерите. Значи, може да отидеш до паркот па таму да се прошеташ и кога ќе наиде друг ‘кавалер’ да заминеш од паркот“, вели Дивна Трајковиќ, претседателка на Здружението на лица со телесен инвалдитет „Мобилност“ од Струмица.

    Кавалерите“ во Струмица се донација од  неколку приватни компании, а со нив ќе стопанисува новоформираното јавно претпријатие „Струмица транспорт“. (Фото: СДК.МК)

    Позитивни се реакциите и на пензионерите. Тие обично ги чекаат „кавалерите“ или кај општинската зграда или на плоштадот, па се упатуваат во паркот каде се симнуваат и таму пешачат или пак одат на спортски натпревари. Паралелно, дел од нив се симнуваат и до рестораните и угостителските објекти кои ги има по корзото или во градскиот парк.

    „Ние сме тројца пријатели кои живееме кај Општината. Тројца сме и постојано ги користеме овие возила за да одиме во паркот и стадионот ‘Младост’. Таму се симнуваме и пешачиме за да после половина час или час со истиот ‘кавалер’ или другиот се враќаме“, вели 70-годишниот Киро Стојанов.

    Кавалерите беа најавени минатата година, а официјално почнаа да се движат од февруари. Од Општината не соопштија кој ги донираше овие две возила кои наликуваат на оние кои ги користат голф играчите.

    „Идејата дојде при мојата последна посета на Љубљана каде имав средба со тамошниот градоначалник Зоран Јанковиќ. Таму ги викат ‘кавалири’, а услугата е достапна неколку години, при што ја користат граѓани кои имаат потешкотии при движењето или на друг начин се физички попречени. Оваа работа ја имплементиравме и во Струмица токму за старите и немоќни лица кои сакаат, а не се во можност да се прошетаат по централното градско подрачје“, кажа градоначалникот Костадин Костадинов.

    И евроамбасадорот Дејвид Гир се повози со „кавалир“. (Фото: СДК.МК)

    Во главниот град на Словенија, според сајтот Љубљана инфо, набавени се седум вакви возила од кои четири се со затворен простор за превоз на патници при дожд, снег, ветар. Освен во стариот дел на Љубљана кој е прогласен за еко зона, од 2021 ‘кавалири’ возат и по гробиштата Жале, но и низ клиниките кои работат под покровителство на Клиничкиот центар во Љубљана и Институтот за онкологија. Таму нив ги користат старите и лицата кои тешко се движат или се со сензорна попреченост, а треба да одат на медицински третман или услуги по клиниките.

    „Возач на ‘кавалир’ може да одбие патник само ако возилото е веќе полно, бидејќи во него во исто време може да се превезуваат најмногу пет патници. Поради малата брзина на возење, патниците можат да ги запрат додека се во движење. Исто така достапни се и на повик. Возачите на ‘кавалирите’ имаат искуства како да постапуваат на патниците на кои им е потребна помош. На тој начин се стекнуваат вистински пријателства и има инклузија на овие лица. Освен на споменатите локации не се предвидуваат други рути“, велат од Општина Љубљана

    Во Струмица засега не се планира проширување на просторот каде ќе се движат струмичките „кавалери“. Но, од Општината не ја исклучуваат можноста ако се појави потреба во догледно време да се прошири возниот парк, за да им се помогне на старите и изнемоштени лица да се движат и на други лоакции каде нема сообраќај со моторни возила.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира