Во близина на бањата „Кежовица“, кај штипско Ново Село, почна изградбата на нов мост на реката Брегалница, кој заедно со обиколницата на самиот влез во Штип, од правец на Скопје, ќе претставува главна сообраќајница преку реката за возилата кои гравитираат кон експресниот пат за Радовиш и Струмица.
Изведувач на работите е компанијата „Актива“ од Штип, специјализирана за изградба на ваков тип мостови со железна конструкција. Главниот раководител на објектот, градежната инженерка Анета Максимова, вели дека комплетната изработка и монтажа на мостот треба да се заврши за еден месец.
„Во тек е финалната фаза на железната конструкција, а во исто време во реката и на нејзиниот брег се поставуваат основните столбови на кои ќе се потпира конструкцијата на мостот. Имавме краток застој на работите затоа што инвеститорот бараше мостот да биде на повисоко ниво, бидејќи под него, на пропишана висина, треба да минува постојниот пат за главната штипска депонија ‘Трештена скала’. Но, за кратко време и тој проблем се реши“, вели Максимова.
Новиот мост ќе биде долг 60 метри и широк 7 метри. Дополнително, ќе има тротоари од двете страни, како продолжение на тротоарите кои веќе се градат на патот што води до реката, кон новата индустриска зона „Пребег“ кај Штип и месноста Плуждино во штипско Ново Село, каде се наоѓа регионалната сообраќајница кон експресниот пат за Радовиш.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека мостот претставува важно сообраќајно поврзување кое има локален, но и регионален карактер.
„Општина Штип за мостот издвои 1 милион евра, а обиколницата, која треба да ги поврзува двете страни на реката, со сообраќајница во должина од 3,2 километри кај новата станбено-индустриска зона во Штип, ќе чини 2 милиона евра. Средствата се обезбедени од унгарскиот кредит. Пред две години, на оваа локација се изгради и нова препумпна станица за водоснабдување со капацитет да ги задоволи потребите на постојните населби и новите кои се планираат во станбено-индустриската зона ‘Пребег’“, вели Јорданов.
Новиот мост е седми по ред на реката Брегалница на територијата на Општина Штип. Проектиран е како патнички мост со потребната носивост за сите патнички возила, автобуси и тешки товарни возила.
Од Општина Штип најавуваат дека по изградбата на овој мост ќе започне изградбата на уште еден мост на реката Брегалница, но на другата страна од градот. Тој мост ќе ги поврзува населбите Балканска и Македонка со Баби, Стар Караорман и населените места во Општина Карбинци.
Т. ЈОВАНОВСКИ



