СО НОВИОТ НЕВРОХИРУРШКИ МИКРОСКОП ОТСЕГА ТЕШКИТЕ ОПЕРАЦИИ ЌЕ СЕ ПРАВАТ И ВО ОХРИД

    СО НОВИОТ НЕВРОХИРУРШКИ МИКРОСКОП ОТСЕГА ТЕШКИТЕ ОПЕРАЦИИ ЌЕ СЕ ПРАВАТ И ВО ОХРИДСложените оперативни зафати ќе ги изведуваат двајцата неврохирузи д-р Митре Милошески и д-р Мичо Мичуновиќ. (Фото: СДК.МК)

    Пациентите од Охридско-струшкиот Регион кај кои треба да се вршат тешки неврохируршки операции нема повеќе да патуваат за Скопје. Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид доби оперативен неврохируршки микроскоп. Овој софистициран апарат дава прецизна и детална слика на оперативното поле. Сложените оперативни зафати ќе ги изведуваат двајцата неврохирузи, д-р Митре Милошески и д-р Мичо Мичуновиќ.

    Првата успешна операција, која траеше околу три часа, е веќе изведена врз 73-годишна пациентка на која ѝ беше отстранет длабок мозочен тумор.

    „Таа беше пациентка на 73-годишна возраст со длабок мозочен тумор, кој притискаше и до мозочното стебло. Интервенција која што фактички без оперативен микроскоп во современо време не може да се изврши. Ние такви случаи досега ги праќавме во Скопје, одеа во странство, одеа по приватните болници. Но, сега во нашиот крај и пошироко такви интервенции ќе се изведуваат без проблем во нашата болница. Сега неврохирургијата е напредна и фактички без таков микроскоп не може да се замислат вака сложени оперативни зафати особено на мозокот, на периферните нерви, на вратна кичма“, вели д-р Митре Милошоески, специјалист-неврохируг.

    Неврохируршкиот микроскоп за двајцата неврохирурзи од болницата „Свети Еразмо“ значи сигурност во работата, но и подобрување на квалитетот на нега на пациентите.

    „Нашето искуство со апаратот ни отвора подлога за понатака да продолжиме со употребата на неврохирушкиот микроскоп и за други интервенции. Ќе го користиме за лумбални дискусхернии, вратни дискусхернии и за тумори на главата. Неврохирушкиот микроскоп што го добивме од Скопје, ни помага мене и на д-р Милошески да ги изведуваме неврохирушките интервенции посигурно во однос на претходно кога ги правевме класично макроскопски и очекуваме подобрување во нашиот квалитет на негата кон пациентите“, вели неврохирургот Мичо Мичуновиќ.

    Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија се лекуваат пациенти од целиот Југозападен Регион. Само лани, во време на пандемија беа извршени стотина неврохируршки оперативни зафати. Моментално, десетина пациенти се на листа на чекање за изведување на сложена операција со новиот оперативен неврохируршки микроскоп, кој е донација од Клиниката за неврохирургија во Скопје.

    Неодамна, во болницата за првпат беше извршена и една од најважните и најтешките ортопедски хируршки интервенции, имплантација на протеза на рамо, со што се прошири спектарот на интервенции.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира