ПРВАTA ОПЕРАЦИЈА СО ВЕШТАЧКО РАМО ИЗВЕДЕНА ВО ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ НА 78-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА

    ПРВАTA ОПЕРАЦИЈА СО ВЕШТАЧКО РАМО ИЗВЕДЕНА ВО ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА „СВЕТИ ЕРАЗМО“ НА 78-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА78-годишната Елена Буџакоска по само три дена од операцијата се врати дома и вели дека е среќна оти наутро сама направила кафе за најблиските. (Фото: СДК.МК)

    Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид минатата недела за првпат е изведена хируршка интервенција кај пациент со фрактура на рамо, на кого му е направена имплантација на рамен зглоб. Со примената на оваа нова метода во оперативното лекување се олесни животот на 78-годишната Елена Буџакоска, која по само три дена од операцијата се врати дома и, како што вели, се чувствува среќна оти наутро сама направила кафе за најблиските, онака како што им почнувал денот пред повредата.

    „Имав тешка повреда, скршеница на рамото, и бев многу уплашена оти знаев дека периодот на опоравување ќе биде долг и мачен. Имав страшни болки, но најтешко ми беше дека ќе им бидам терет на моите дома. Денеска сум среќна што животот ми продолжува онака како пред повредата“, кажува Елена која со насмевка вели дека најсреќна е што и понатаму ќе може да ги извршува домашните задачи и да помага во секојдневните обврски, посебно за нејзините шест внуци.

    Елена е пензионерка која пред несреќата деновите ги поминувала во нејзината градина, а често одела и на пазар каде ги продавала своите производи.

    „Операцијата ми ја врати подвижноста на рамото, но и желбата да продолжам со животот. Благодарна сум на целиот тим лекари, медицински сестри, болничари и посебно на д-р Смически кој ми предложи ваков оперативен зафат“, вели Елена.

    Д-р Огнен Шешоски и д-р Јордан Смически се дел од тимот ортопеди од Охридската болница што ја изведе операцијата. (Фото: СДК.МК)

    Оперативниот зафат го изведе тим ортопеди, д-р Јордан Смически, д-р Огнен Шешоски и д-р Александар Стевоски, анестезиологот д-р Хари Шокароски, под водство на д-р Ненад Петков од болницата „8 Септември“ од Скопје, кој прв започна да ја применува оваа метода во државава и во неговата матична болница ја изведува неколку години. Лекарите од „Свeти Еразмо“ велат дека е од огромно значење искуството на д-р Петков кој им го пренел со оваа нова метода на оперативен зафат и додаваат: „Го замоливме да дојде и многу ни помогна. Продолжуваме со соработка со него за изведување на оваа метода и понатака“.

    „Оваа метода многу значи за пациентите да се слободни од болка, слободни во секојдневните активности, да се подобри движењето и нивниот квалитет на живот. Ова ни е прва интервенција, досега пациентите се упатуваа во Скопје или странство. Пред тоа пациентите се лекуваа конзервативно со имобилизација со гипс, а сега драстично ќе им се промени квалитетот на животот по повреди на рамото“, вели д-р Јордан Смически, специјалист ортопед од болницата „Св. Еразмо“.

    Тој додава дека воведувањето на оваа метода се должи на визијата на менаџментот, но и на тимското работење на сите колеги и медицинскиот кадар од болницата.

    „Горди сме што како тим може да ги следиме и применуваме новите методи во модерната ортопедија. Чест е, но и голема одговорност што можеме да работиме во нашата матична болница и што ни се овозможуваат услови за понатамошно усовршување за да го подигнеме квалитетот на живот на пациентите од Охрид и државата кои се лекуваат во нашата установа“, вели д-р Смически.

    Во последните години, во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се применуваат и нови методи за скршеници на горниот, долниот и средниот дел на надлактна коска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира