СО ПАРИ ОД ЕУ ПОЖАРНИТЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА И ВАЛАНДОВО ДОБИЈА НОВИ ВОЗИЛА

    СО ПАРИ ОД ЕУ ПОЖАРНИТЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА И ВАЛАНДОВО ДОБИЈА НОВИ ВОЗИЛАГевгелија доби специјализиран мал камион за гасење шумски пожари, а Валандово пикап возило за пристап до локации со пожари. (Фото: СДК.МК)

    Пожарните на Гевгелија и Валандово побија противпожрни возила. Возилата се набавени во рамките проект „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи“, финансиран од ЕУ преку програмата за прекугранична соработка со Грција.

    Пожарната во Гевгелија доби специјализиран мал камион за гасење шумски пожари и спасување, за да се покриваат потребите и на општините Дојран и Богданци, додека единицата од Валандово доби пикап возило за пристап на одредени локации со пожари до кои не може да се стасува со поголеми возила. Вкупната вредност на двете возила е околу 200 илјади евра.

    „Ваквата набавка на специјализирани возила ќе ги олесни интервенциите на терен, особено во делот во справување со шумски пожари, а воедно ќе ја зголеми и ефикасноста на сите територијални противпожарни единици од Југоисточниот Плански Регион. Сведоци сме дека последниве години шумските пожари предизвикаа огромни економски штети, а со новите возила значително ќе се подобрат капацитетите на единиците од Гевгелија и Валандово“, изјави Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југосточниот Плански Регион.

    Во рамките на проектот, кој треба да заврши до крајот на годинава, се планира набавка на уште едно возило и тоа за потребите на струмичката противпожарна единица како и набавка на термални дронови за детектирање пожари на тешко достапни места во подрачјата на Струмица, Радовиш и Гевгелија.

    „Во меѓувреме се направи модификација на проектот со што Центарот доби дополнителни средства и веќе во процедура е набавка на трето противпожарно возило кое ќе биде наменето за Противпожарната единица во Струмица. Ова возило ќе биде мал камион за спасување, исто како што доби и гевгелиската единица. Со новата модификација ќе бидат набавени и три дронови со сензорни камери кои ќе се користат за рано откривање и маркирање на пожарите на тешко пристапните места за единиците во Струмица, Гевгелија и Радовиш“, вели Камчев.

    Во рамките на проектот, освен набавката на возила и дронови ќе се изработат и упатства за проценки и протоколи за прекугранично управување со пожари и изработка на акциски план за ублажување на ризикот од шумски пожари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира