Најзогрозените семејства од ромската населба Блок 18 во Виница ќе добијат реновирани домови. Со пари од Европската унија почна реализацијата на првата фаза од проектот за реконструкција и реновирање на 11 од 22 куќи кои се со најлоши услови за живот.
Паралелно во рамките на овој проект, се работи и на легализација и обезбедување имотни листови за повеќе од 200 куќи во сопственост на социјално загрозени семејства, а Општина Виница започна и постапката за донесување Детален урбанистички план за овој дел од градот.
„Со овој проект ќе се реализираат и низа други инфраструктурни работи во виничкиот Блок 18. Ќе се изгради фекална канализација во должина од 400-500 метри, локални улици во должина од 3.000 метри, ќе се изградат потпорни ѕидови на места и улици каде што постои опасност од свлечишта, ќе се постават 40 соларни светилки во досега неосветлените улици и 30 контејнери за отпад“, велат од невладината организација ЦЕЛИМ која го спроведува проектот.
Реконструкцијата и реновирањето на куќите е дел од проектот „Обезбедување пристојни услови за домување за ромската заедница во Општина Виница“.
Покрај ЦЕЛИМ Македонија, во реализацијата учествуваат и Ромски ресурсен центар и Општина Виница. Проектот е финансиран од Европската Унија.
.