СО ПЕСНАТА „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“ ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО 40-ТИ ДЕН ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СЕЧАТА НА ШУМАТА

    СО ПЕСНАТА „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“ ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО 40-ТИ ДЕН ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ СЕЧАТА НА ШУМАТА„Сè додека не добиеме потврда дека во шумата кај манастирите нема да се слушне веќе ниедна пила, ќе останеме да протестираме секој ден“, велат жителите (Фото: СДК.МК)

    Со развиорено македонско знаме и во придружба на жива музика, која ги изведе химната и неколку македонски народни песни, жителите на Љубојно 40-ти ден излегоа на протест против сечата во шумата кај манастирите „Св. Атанас“ и „Св. Петар и Павле“. Музичарите со хармоника, тапан и труба ги изведоа песните „Слушам кај шумат шумите“, „Народе македонски“ и други.

    Жителите изјавија дека и покрај тоа што протестираат секој ден скоро месец и половина, институциите се глуви на нивните барања да дојде претставник од надлежните и официјално да каже дека сечата нема да продолжи.

    „Сè додека не добиеме потврда дека во шумата кај манастирите нема да се слушне веќе ниедна пила, ќе останеме да протестираме секој ден. Ќе одиме докрај. Нема да дозволиме голата сеча да предизвика еколошка и инфраструктурна катастрофа за селото“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК учесниците во протестот.

    Жителите изјавија дека и покрај тоа што протестираат секој ден скоро месец и половина, институциите се глуви на нивните барања. (Фото: СДК.МК)

    Протестите започнаа на 12 август, кога жителите се пожалија на голема сеча во шумата. Тие стравуваат дека соголениот рид ќе предизвика свлечишта и поплави во селото при обилни дождови и контаминирање на резерварот за вода. Додаваат дека камионите го оштетиле селскиот пат кој го правеле жителите за пристап до црквите, кој не е јавен пат и делумно поминува низ приватни имоти.

    Откако започнаа протестите, сечата запре и од терен се отстранети камионите и алатите за сечење. Но, иницијативата наречена „Сите го сакаме Љубојно“, порака која ја носат испишана и на нивните маички, останува на протестите до официјална потврда дека шумата ќе биде спасена.

    Од подружницата на „Македонски шуми“, „Преспа дрво“, соопштија дека сечата е спроведена врз основа на десетгодишна програма за шумско-стопанска основа за експлоатација на шуми, одобрена со одлука на Владата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира