Со петиција, дел од граѓаните во близина на зградата на стариот театар во Велес бараат да не се дозволи изградба на деветкатница на тоа место. Бараат заштита на јавниот интерес и спречување на штетни последици со евентуалната продажба на земјиштето за изградба на станбена зграда. Во барањето, кое е доставено до Општина Велес, се наведени четири главни причини објаснети во исто толку точки.
„Од безбедносни причини, бидејќи земјиштето на кое се наоѓа стариот театар е непогодно тло за изградба на деветкатница. Особено последните случувања со урнувањето на Работничкиот универзитет ни ги зголемија стравовите за животот и имотите на оние кои што живееме во близина на оваа локација. Намалување на сончевата светлина во нашите домови како резултат на несразмерна висина на зграда од 9 ката во споредба со постојните куќи и згради до 4 ката. Нарушување на естетското и урбаното уредување на градот во согласност со традиционалната архитектура на градот. Сообраќаен метеж поради немање доволен простор за паркирање на возила особено во трите пазарни денови во неделата“, пишува во барањето, кое е потпишано од 111 лица.
Како решение за истото место, жителите нудат да се изгради парк или детско игралиште.
Тие укажуваат и на случајот со станбената зграда во близина на стариот театар чии подруми во одреден дел до годината се полнат со подземна вода, која се претпоставува дека е од реката Вардар и доаѓа со зголемувањето на нивото. Велат дека исти такви ќе се јават и во темелите на зградата која се планира да се гради, со што ќе биде нарушена стабилноста. Потсетуваат дека токму такви води се јавуваат и во објектот кој се гради до срушениот Работнички универзитет.
На седница на Советот на Велес се разговараше на оваа тема, а претставникот од општинска администрација образложи зошто не е можна промена на планот.
„Запазена е целокупната постапка при донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) за овој дел на градот. При неговото донесување се поминати сите етапи, одржани се јавна презентација и јавна дебата и анкета, каде граѓаните кои не се задоволни од решението, можеле да поднесат приговор и забелешки. По нив, ако ги имало требало да постапи Одделението за урбанизам. Промената на ДУП е донесена 2020 година, без никакви реакции и забелешки од засегнати граѓани во овој дел на градот. Затоа не постои причина за промена на ДУП. Веќе е донесена одлука за рушење на зградата на стариот татар, а градоначалникот е тој што таа одлука треба да ја почитува. Донесување нов ДУП не е предвиден во програмата за работа“, кажа Петре Цилаков, раководител на сектор од локалната власт.
Претходно, Левица бараше промена на ДУП, но со мнозинство гласови тоа не помина во Советот. ДУП есента 2020 беше донесен со мнозинство гласови од советниците на тогаш владејачката СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ беше против. На седница на Советот, во септември годинава кога се бараше промена на овој ДУП, советниците од ВМРО-ДПМНЕ како сега владејачка на локално ниво беа да остане постојниот план, додека советниците од СДСМ бараа тој да се измени. Единствено по еден нивен претставник, советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои беа во претходниот состав на Советот кога беше донесен ДУП-от, не гласа за новата состојба.
П. ПЕЧКОВ