Педесетина претставници од движењето „Спас за Попова Шапка“ поддржувани од граѓани на Тетово, денеска со полчасовна блокада на патот кон Попова Шапка уште еднаш побараа од надлежните да обрнат повеќе внимание кон најголемиот зимски туристички центар.
„Загрижени сме од несовесноста, неодржливоста, заборавените инвестиции и уништувањето на едно од напознатите рекреативни места во поранешна Југославија. Ние граѓаните, сакаме Попова Шапка да ја гледаме во подобра состојба, почиста, уредена по сите стандарди, еколошки чиста и развиена од туристички, економски, рекреатвен и спортски аспект“, се вели во соопштението кое го прочитаа демонстрантите.
Тие главната вина за ваквата состојба во која денес се наоѓа Попова Шапка ја лоцираат кај Владата и кај АД ЕЛЕМ кое сега управува со овој зимско-рекреативен центар.
„Бараме Премиерот Заев да го одржи даденото ветување и да ѝ ја одземе Попова Шапка на ЕЛЕМ, бараме Владата веднаш да ја разгледа можноста за објавување меѓународен оглас за избор на концесионер за Попова Шапка, бараме да се изгради жичарницата Тетово – Попова Шапка и конечно да се изработи детален урбанистички план“, се само дел од барањата што ги доставија од движењето „Спас за Попова Шапка“.
Протестот траеше половина час, при што целосно беше блокиран патот кон Попова Шапка, а демонстрантите најавија дека и понатаму ќе продолжат со вакви протести сè додека не се реши прашањето со Попова Шапка.
З. АНДОНОВ