СО РАСПИТ НА ВЕШТО ЛИЦЕ ОД ЕКОНОМСКОТО РАБОТЕЊЕ ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ

    СО РАСПИТ НА ВЕШТО ЛИЦЕ ОД ЕКОНОМСКОТО РАБОТЕЊЕ ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИДимитриевски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба.

    На рочиштето беше презентирано економско вештачење на предлог на одбраната на Димитриевски, бидејќи инвеститорите бараат оштета од 3,3 милиони денари, средства кои ги потрошиле за документацијата која е неопходна за добивање на дозвола за градба, како и за 4 договори и уплати на три фирми за отпочнување на работите на терен како подготовка за градежните активности. Со тоа што градоначалникот не им ја потпишал дозволата во предвидениот законски рок туку после 1 година тие претрпеле штета, која бараат сега да им се надомести.

    Вешто лице Гордана Анѓелковска кажа дека направените трошоци во износ од 1.733.870 денари, кои се уплатени за основниот проект, техничката документација и добивање на дозвола за градба, не може да претставуваат штета затоа што се нужни при апликацијата, и влегуваат во цената на чинење на инвестицијата.

    „Тоа се нужни трошоци при барање на дозвола за градба кој секој подносител ги уплаќа независно дали ќе добие дозвола за градба или не“, кажа Анѓелковска.

    За останатите трошоци во висина од 1.653.935 денари кои се направени со фирмите кои требело да ги градат зградите, според вештачењето не се услов за добивање на одобрение за градба, туку произлегуваат од должничко доверителските односи и склучени се на доброволна основа.

    Адвокатот на инвеститорите Виктор Цветковски, вели дека одбраната преку предложените докази се обидува да ја намали штетата што е предизвикана со незаконити дејствија.

    „Сето ова беше очекувано и веќе видено, само од различен аспект. Ако предходно беше од градежен сега е од матерјално-финансиско работење, а обидот беше ист да се намали штетата што ја предизвикал градоначалникот со своите дејствија. Ако спротивно на закон се одлага пресметката за комуналии, не дозволуваш да тече постапката, ја стопираш и ја одлагаш изградбата, тогаш не може да се тврди дека нема економска штета“, кажа Цветковски.

    Адвокатите и Димитриевски и овојпат не сакаа да дадат изјава за новинарите.

    Наредното рочиште е закажано на 19 мај, кога треба да се произнесе ОЈО, адвокатите на оштетените и одбраната, а одбраната ќе одлучи дали со свој исказ пред судот ќе даде Димитриевски.

    Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира