Со помош на Швајцарија Општина Карбинци доби ново теренско возило за смет кое првенствено ќе го собира ѓубрето од селата на Плачковица, но и од останатите села во оваа општина. Карбинци досега имаше само едно возило за собирање смет.
Возилото чини 80 илјади евра, од кои 30 проценти се учество на Општина Карбинци, а е дел од проектот за зајакнување на општинските совети кој предвидува 100 милиони евра за инфраструктурни инвестиции.
„Сметаме дека демократијата започнува од локално ниво каде локалните власти треба да им излегуваат во пресрет на потребите на граѓаните и во тој контекст, оваа заедничка инвестиција од еколошки аспект е мошне значајна, посебно ако станува збор за рурална општина како што е Карбинци“, рече амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман.
На примопредавањето на возилото присуствуваше и министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Т. ЈОВАНОВСКИ