Потребни се итни економски мерки за ублажување на последиците од светската економска криза, да запре иселувањето на младите стручни кадри и креирање на нови работни места за намалување на високата стапка на невработеност. Ова се дел од заклучоците на првиот економско-дипломатски караван во Југозападниот Плански Регион (ЈЗПР), кој се одржа во Струга во организација на Министерството за надворешни работи и Бирото за регионален развој.
Караванот, кој е прв од ваков тип, има за цел да ги презентира и промовира економските потенцијали на домашните фирми и да ги запознае претставниците на дипломатскиот кор во државата со инвестициските можности на регионите.
„Со оглед на светската криза, намерата е да се отворат нови пазари на нашите фирми со цел да ги пласираат своите производи. Ова е еден од начините, нови инвестиции, креирање нови работни места, всушност ова е еден од обидите да ја подобриме состојбата на економски план во Југозападниот Регион. Инаку, во регионот има 7.200 активни фирми, а стапката на невработеност е 24,1 отсто што е сè уште висока“, вели Мирјана Ложанкоска, директорка на Центарот за развој на ЈЗПР.
Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга и претседател на советот за развој на ЈЗПР, повика на спроведување на Законот за регионален рамномерен развој со кој во општините ќе се слеваат многу повеќе средства за инвестирање.
„Сакаме да укажеме на потребата на имплементација на Законот донесен во 2007 година за регионален рамномерен развој на сите региони и кои се придобивките од тоа. За жал, не се имплементира овој Закон со кој еден отсто од бруто домашниот производ ќе оди кај Општините и со тоа секој регион би имал над 10 милиони евра годишно, а едвај во последно време се доделуваат скоро милион евра по регион. Само со имплементација на Законот ќе има развој секаде и за секого“, смета Мерко.
Мерко кажа дека средствата кои се доделуваат за проекти од министерствата треба да се децентрализираат за да може да се распределуваат по региони.
„Само така сите градоначалници ќе можат да конкуираат за проекти според нивните потреби“, вели Мерко.
Според него, кризата со пандемијата која сè уште трае, но и војната во Украина ги покачија цените на електричната енергија, горивата и прехранбените производи и со тоа отежнат е економскиот развој на општините, но и покрај тоа, поголем дел од предвидените програми се имплементирале.
Струга на дипломатскиот караван ги презентираше развојните капацитети на повеќе компании кои, според Мерко, нудат голем број вработувања како мерка да се задржат младите во државата.
„Имаме работни места и можности за вработувања многу повеќе, но многу млади и не сакаат да работат. Во Струга и Струшко работат граѓани од други општини, а наши сограѓани мислат дека во други земји подобро ќе поминат, но голем број од нив се вратиле тука. И во државниот и приватниот сектор има повисоки плати и може да се живее добро“, вели Мерко кој најави и нови погони на „ОДВ Електрик“ и канадската „Магна“ која ќе понуди над 1.000 нови вработувања.
Заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки првите поголеми економски резултати од дипломатските каравани во земјава ги очекува за една година.
„Целта ни е да носиме нови инвестиции, сега е време на криза, но очекуваме за една година да имаме поголем успех и да се види резултатот на овој почеток на економско-дипломатскиот караван“, рече Исаки.
Според анализите, најпогоден од пандемијата е туристичкиот сектор, кој е главна гранка во овој регион во земјава, но големи штети претрпеле и услужните и трговските дејности.
С. ВРЕНЦОВСКА