СОБРАНИ 10 КУБИЦИ ПОКУЌНИНА И ГРАДЕЖЕН ШУТ ВО АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ДИВИТЕ ДЕПОНИИ НА ГАЛИЧИЦА

    СОБРАНИ 10 КУБИЦИ ПОКУЌНИНА И ГРАДЕЖЕН ШУТ ВО АКЦИЈАТА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ДИВИТЕ ДЕПОНИИ НА ГАЛИЧИЦАВо овие акции вклучени се и најмладите кои велат дека ја сакаат Галичица чиста а на несовесните им порачуваат да не го фрлаат ѓубрето во планина туку во места одредени за тоа. (Фото: СДК.МК)

    Активистите од ЕКО ФАП Охрид заедно со најмладите екологисти ги чистат дивите депонии на Националниот парк „Галичица“. При последната акција, на самиот пат кој води до Велестово, собрани се 10 метри кубни најразличен отпад, од покуќнина до градежен шут. Претходно направени се бројни акции но загрижува тоа што при секое навраќање се среќаваат со нов отпад.

    „Несовесните граѓани полесно им е во планина да го донесат отпадот наместо во депонија. Се прави грда слика, просторот се нагрдува и се загадува животната средина. По неколку дена кога ќе дојдеме пак на исто место ќе најдеме најразлични предмети. Еколошката свест е на многу ниско ниво иако морам да кажам дека од порано има подобрување“, вели Горан Устијаноски од ЕКО ФАП.

    Според активистите на ЕКО ФАП на Охрид му е потребна лесно достапна депонија за адекватно одлагање на отпадот.

    „Градот треба да има една лесно достапна депонија со цел да не се депонира отпадот во шума. Од овде некој повторно треба да го подига отпадот се прават дополнителни трошоци и во време и во средства. Најдобро е да има едно катче градот по некои симболични цени да може отпадот да се депонира со цел луѓето да бидат мотивирани да одат таму“, вели Устијаноски.

    Во овие акции вклучени се и најмладите кои велат дека ја сакаат Галичица чиста а на несовесните им порачуваат да не го фрлаат ѓубрето во планина туку во места одредени за тоа.

    И додека со бројни акции постојано се расчистуваат планинските предели на Галичица, некои постојано отпадот го носат на истите места. Апелите за чување на природните убавини и животната средина засега не помагаат да се сменат ваквите лоши навики.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира