СОПРЕН ТОВАРЕН ВОЗ СРЕДЕ ВЕЛЕС ДВА ЧАСА ГО БЛОКИРАШЕ СООБРАЌАЈОТ ВО ГРАДОТ, „ЖЕЛЕЗНИЦА“ НЕ КАЖУВА ЗОШТО НЕ РАБОТАТ РАМПИТЕ

    СОПРЕН ТОВАРЕН ВОЗ СРЕДЕ ВЕЛЕС ДВА ЧАСА ГО БЛОКИРАШЕ СООБРАЌАЈОТ ВО ГРАДОТ, „ЖЕЛЕЗНИЦА“ НЕ КАЖУВА ЗОШТО НЕ РАБОТАТ РАМПИТЕБезбедносните рампи не функционираат три седмици, возот до кај 23ч блокирал две од нив, едната кон месноста Дворови, втората на мостот Гемиџии. (Фото: СДК.МК)

    Застој во железничкиот сообраќај во центарот на Велес синоќа два часа го блокираше сообраќајот во градот. Товарен воз со цистерни со нафта кој доаѓал од Солун, околу 21ч сопре во центарот на градот. Безбедносните рампи не функционираат три седмици, возот до кај 23ч блокирал две од нив, едната кон месноста Дворови, втората на мостот Гемиџии. Тоа создаде колони возила.

    „Возот стоеше и беше блокиран патничкиот премин на Нов Мост. Имаше луѓе што преминуваа преку вагоните, а тој можеше да тргне секој момент. Се доведуваа во животна опасност. Од страната на улица Димитар Влахов влегуваа автобуси кои ги враќаа вработените од Скопје од втора смена. Немаше кој да ги предупреди да не одат преку мостот. Кога веќе ќе дојдеа до преминот кој беше блокиран, за да се упатат до Стар Мост каде преминот беше слободен мораа да возат во рикверц стотина и повеќе метри, а зад нив доаѓаа други возила. Беше хаос“, вели еден од бројните велешани кои живеат на левата страна од градот, а за да стигнат дома мораа да користат други пристапи до таа страна на Велес.

    Граѓаните велат дека ове не е прв таков случај оти имало и други изминатите седмици. Се случувало и во наутро, но не траеле толку долго.

    „Македонски железници“ три седмици не можат да пронајдат што е проблемот со пругите и железничката исталација во Велес. Нивните екипи работат на двете контролни куќарки покрај пругата Велес-Гевгелија каде е сместена инсталацијата.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пред осум дена праша во МЖ Инфраструктура, што се случува со железничкиот сообраќај во Велес, и зошто се случуваат ваквите застои, но одговор нема.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира