СОПСТВЕНИКОТ НА ДЕПОНИЈАТА СО ЗГУРА КАЈ ВЕЛЕС ЈА ДОБИ Б-ЕКОЛОШКАТА ДОЗВОЛА, ТРАНСПОРТОТ ЌЕ ПОЧНЕ ОВАА ГОДИНА

    СОПСТВЕНИКОТ НА ДЕПОНИЈАТА СО ЗГУРА КАЈ ВЕЛЕС ЈА ДОБИ Б-ЕКОЛОШКАТА ДОЗВОЛА, ТРАНСПОРТОТ ЌЕ ПОЧНЕ ОВАА ГОДИНАОва е прво решавање на една еколошки жешка точка во Македонија, што е голем предизвик, вели еколошкиот експерт Љупчо Аврамовски (Фото: СДК.МК)

    Компанијата „Кепс моунт груп“ ја доби Б-еколошката дозвола со која може да ја дислоцира троската од згура, резултат на 30-годишната работа на Топилницата. Инвеститорот кажа дека во тек се подготвителни работи и првите камиони товарени со згура најрано можат да тргнат кон крајот на годинава. Планирано е експлоатацијата да трае најмалку четири години. Така конечно ќе се реши една од десетте жешки еколошки точки во земјава.

    „Еколошките аспекти на ископот, товарењето, транспортот и експлоатацијата на суровината се целосно запазени. Поради тоа доста време изгубивме во овие административни обврски. Со ова целосно се затвора еколошкиот проблем во однос на депонијата. Не е само да експлоатираме или печалиме. Ова е прво решавање на една еколошки жешка точка во Македонија, што е голем предизвик за нас“, кажа Љупчо Аврамовски, советник од „Енвиро ресурси“, вклучен во добивањето на дозволата за „Кепс моунт груп“.

    Во депонијата има од 6-10 % цинк, олово од 2,2-3,4%, железен оксид 25%, а има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но, како што вели инвеститорот, во скромно присуство од околу 0,01% и притоа не биле слободни, туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.

    „Со водена завеса ќе се елиминира прашина која ќе се создава од работата на депонијата. Ќе се вршат и мерења на ПМ 10 и на оловото во воздухот. Ако мерењата покажат дека и покрај водената завеса има поголеми концентрации на честички, ќе се престане со работа“, дополни Аврамовски.

    „Кепс моунт груп“ има обврска по завршувањето на отстранувањето на депонијата да изврши чистење на почвата.

    Кога ќе заврши експлоатацијата на суровината, се ископува земја до длабочина од 300 милиметри, се отстранува и се ставаат 300 милиметри хумус. Се засадува трева или маслодајна репка, согласно препораките на професори од Земјоделски факултет во Скопје. Овој процес на ремедијација на почвата ќе трае 12 месеци.

    „Многу лошо е извршено депонирањето на згурата. Немало план, туку само се истурал отпад. Има висок степен на косина, што поради трусното подрачје може да го прегради Вардар, кој е на 300 метри и да создаде езеро и поплави луѓе, имот, објекти“, предупредува Ранко Шчекиќ, дипломиран машински инженер од „Кепс моунт груп“.

    Тие досега работеле на слични проекти, во два наврата во Србија и во Албанија и тврдат дека имаат искуство во оваа дејност. Превозот на згурата од Велес до солунското пристаниште ќе бил еколошки, по европски стандарди, исклучиво со камиони „кесон“. Нивната носивост е 45 тони.

    „После долга работа на обезбедување еколошка дозвола, таа е добиена и почнавме со подготвителни работи. Активно со превоз на згурата ќе почнеме за два до три месеци, откако ќе се инсталираат сите потребни машини и опрема за експлоатација, во согласност со добиената Б-дозвола. Имаме проблем кој ни ја отежнува работата. Освен згура, има и комунален отпад, отпад од животинско потекло, мрши, градежен шут, индустриски отпад, што ќе одземе време. Дислокацијата на згурата ќе се врши само механички, нема топење, нема користење киселини. Ова е последен момент да се реши оваа депонија, бидејќи земји кои ја купуваат згурата има помалку од прсти на една рака“, додаде Шчекиќ.

    Тој објасни дека вредноста на материјалот во згурата е 20 пати помал отколку транспортот. Превозот од Велес до Малезија бил 80 долари по тон.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира