Состојбата со ковид-19 во Велешко е крајно алармантна, рече градоначалникот Аце Коцевски, откако околу 200 велешани се позитивни за десетина дена. Во овој период починаа и 15 сограѓани. Заклучно со вчеравечер, во Велес имаше 258 активни случаи.
„Состојбата стана алармантна деновиве. Бројот на позитивни со ковид-19 во Велес е далеку поголем отколку просекот со кој градот учествува во вкупниот број население во државата. Треба однесувањето на секој од нас да го прилагодиме на новата ситуација, да не придонесуваме на влошување на јавното здравје, на сопственото здравје и на здравјето на најблиските“, кажа Коцевски на денешната прес-конфекција по седницата на Општинскиот кризен штаб.
На Инфективното одделение во Велешката болница има 47 пациенти, а има капаците од 54 легла. 40 од болните се од Велес, пет од Свети Николе и по еден од Струмица и од Градско. Коцевски соопшти дека од јавните институции има двајца позитивни во општинската администрација, седум во Општа болница Велес, двајца во Здравствен дом и по пет во ЈКП Дервен и Полициската станица Велес. Позитивни на ковид-19 тројца основци. Во изолација се 84 деца, 45 од градинките и 39 во училиштата. Во градинките во Велес има регистрирано три воспитувачки со коронавирус. Превентивно се затворени детските игралишта и детските забавни паркови во градот.
Од раководството на фабриката на швајцарски „Ронтис“, лоцирана во близина на Велес, која произведува медицинска опрема и е извозно ориентирана, соопштија дека ќе ја прекинат работата до 10 ноември. Ова е откако деновиве биле тестирани дел од вработените и има неколку позитивни случаи, сите асимптоматски.
„Во интерес на здравјето на сите наши вработени, нивните семејства и јавното здравје, веднаш по добивањето на резултатите, ‘Ронтис’ како општествено одговорна компанија, одлучи привремено целосно да ја затвори фабриката. Сите вработени ќе бидат исплатени во целост, како да доаѓале на работа“, изјавија од „Ронтис“.
П. ПЕЧКОВ