СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА ВО БИТОЛА Е СО ВЛАГА, ОШТЕТЕН ИНВЕНТАР И ЃУБРЕ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ГИ ИСЕЛАТ НЕСОВЕСНИТЕ СТАНАРИ

    СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА ВО БИТОЛА Е СО ВЛАГА, ОШТЕТЕН ИНВЕНТАР И ЃУБРЕ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ГИ ИСЕЛАТ НЕСОВЕСНИТЕ СТАНАРИДел од станарите се жалат дека секојдневно живеат дишејќи влага и стравуваат од струен удар бидејќи дел од становите воопшто не се одржуваат, а од еден  тече вода и да ги оштетува ѕидовите во нивните станови. (Фото: СДК.МК)

    Искорнат и оштетен инветар во дел од становите, вода низ ходниците, влага по ѕидовите, визби претворени во депонија, влезна врата без стакло, вака изгледа социјалната зграда на улица Кочо Рацин број 15 во Битола. Дел од станарите се жалат дека секојдневно живеат дишејќи влага и стравуваат од струен удар, бидејќи дел од становите воопшто не се одржуваат, а од еден  тече вода и да ги оштетува ѕидовите во нивните станови.

    „Дали е во ред во ваква влага да се живее? Влагата доаѓа од горниот кат. Во проблематичниот стан нема плочки на подот, водата буквално тече и јавува влага во мојот стан. Го пријавивме проблемот во државното станбено претпријатие, но џабе, само велат ќе го решиме, а никој не постапува. Лани саниравме туѓ проблем на наш трошок. Мајсторите ни рекоа дека не е трајно решение зашто треба да се најде од каде потекнува проблемот. Не е безбедно да се живее вака. Полоша комбинација од вода и струја нема. Елементите во кујната ги исклучувам од штекер заради безбедност и на децата и на цела зграда“, вели Елена Манговска, станарка во социјалната зграда.

    Додека бевме во зградата, од еден од страновите се слушаше како се цепат дрва за греење внатре. Покрај влагата, проблем е и сметот што понекогаш некои станари го собираат по ходниците. По пријавите на соседите во АД за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) и најавите дека ќе помине комисија да направи контрола, ѓубрето било однесено во визбите.

    „Контроли прават, а проблемнот не се решава во суштина. Кога ќе дојдат да прават контрола ми велат ‘леле, Елена, како живееш овде?’ Јас ако имав избор, зар ќе седам тука?“, вели Манговска.

    Во социјалната зграда има 26 станови, но само во 11 има постојани жители, останатите закупци живеат на други места, но ги држат становите.

    Од АДССДП потврдуваат дека дел од станарите во социјалните згради на улица Кочо Рацин број 13, 15 и 17 несовесно се однесуваат и предизвикале материјална штета во изнајмените станови.

    „Редовните контроли кои ги врши нашето одделение за теренска контрола утврдија несовесно однесување од страна на одредени закупци кои, спротивно на превземените обврски од потпишаниот договор за закуп и важечките норми и стандарди за домување, предизвикале сериозна материјална штета, односно оштетување на инвентарот“, соопштија од АДССДП.

    Од таму додаваат дека дел од штетите се веќе санирани, како што бил случајот со пукната водоводна цевка, а дел се во постапка на санација која многу брзо ќе биде завршена, како што е случајот со стаклото на влезните врати. Против закупците за кои е констатирано дека не се грижат за станбената единица се преземаат мерки, а лицата кои предизвикале штета од поголем обем ќе бидат санкционирани да ја платат.

    Од АДССДП велат дека одговорност ќе има и за закупците кои и по други основи ги прекршиле одредбите од договорот за закуп. Започнати се постапки пред изршител за иселување на станарите за кои по низа континуирани проверки и законски утврдени рокови е констатирано дека не живеат во распределената станбена единица или таа се користи спротивно на намената, како и во случаите на неплаќање закупнина и предизвикана материјална штета.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира