СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ И ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ПРВИТЕ 6 ДО 12 МЕСЕЦИ, БАРААТ ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

    СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ И ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ПРВИТЕ 6 ДО 12 МЕСЕЦИ, БАРААТ ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВООд презентацијата на резултатите од истражувањето на Здружението за еднакви можности „Семпер“ од Битола. (Фото: СДК.МК)

    Домувањето и неможноста за економска независност се едни од клучните проблеми поради кои жртвите на семејно насилство не се одлучуваат да го напуштат насилникот, посебно ако имаат и малолетни деца, покажа истражувањето на Здружението за еднакви можности „Семпер“ од Битола. Со истражувањето „Институционализирање на квалитетни сервиси за рехабилитација и интеграција на жени жртви на насилство“ беа интервјуирани и жени кои го напуштиле насилниот партнер, граѓани, како и институции кои се занимааваат со оваа проблематика.

    „Во 2020 година значително е зголемен бројот на жртви на семејно насилство. Евидентирани се 118 жртви, меѓу кои доминираат жени, 97, а 21 лице од машки пол и сите беа жртви на физичко, психичко насилство и една на сексуално насилство. Во шелтер-центарот биле сместени 4 жртви и две малолетни лица. И оваа година зголемен е бројот, од јануари до август имаме 81 жртва, 54 жени, 21 маж и 6 деца. Во 2021 година во шелтер-центарот имаме три жртви на семејно насилство со пет малолетни деца. Ова е минимален број кој бара сместување зашто жртвите најчесто бараат други алтернативни решенија, сместување кај пријатели, родители“, рече Ѕала Бојкоска од „Семпер“, долгогодишен социјален работник.

    Марија Томевска-Петковска, адвокат и магистерка по кривично право, членка на „Семпер“, вели дека жените жртви на семејно насилство интревјуирани во фокус група изјавиле дека нивен најголем проблем е нерешеното станбено прашање и тоа што немаат доволно средства да плаќаат ќирија по заминувањето од партнерот, односно да се осамостојат. Често се соочуваат и со неприфаќање од сопствените родители и од блиските лица кои имаат предрасуди за разводот.

    „Предлагаат државата да посвети поголемо внимание на оваа ранлива категорија во насока на финансиска помош и домување, односно да се предвидат социјални станови и финансиска помош за жртвите барем извесно време во периодот кога ќе го напуштат партнерот, оти немаат каде да одат и немаат фиансиски средства. Во период од 6 до 12 месеци да добиваат финансиска помош за да ги обавуваат основните потреби во живеењето“, рече Томевска-Петковска.

    Но, предлагаат и повисоки казни за насилниците и да се изрекуваат по скратена постапка.

    „Насилникот да се отстранува од домот веднаш кога ќе биде пријавено насилството, а не жртвите и нивните деца да го напуштаат домот и да се чудат каде да се сместат. Во училиштата да се учи за насилството од најмали нозе. Поголема едукација на медицинскиот персонал за да препознава семејно насилство, бидејќи многу пати не повикуваат полициски службеник’“, рече адвокатката.

    Од Комисијата за еднкави можности предлагаат отворање на Регионален центар за жртви на семејно насилство во Пелагонискиот Регион , во кој ќе функционира и шелтер-центар за интервентно сместување, СОС линија, советувалиште за психо-социјална поддршка од стручни лица и бесплатна правна помош.

    Од Центарот за социјална работа препорачуваат жртвите да имаат приоритет при вработување, а од Центарот за вработување велат дека нема конкретна програма за нивно вработување освен субвенција за плати за социјално загрозени, но и жртвите не сакаат да бидат етикетирани преку посебна помош.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира