„Универзална сала Владо Јаневски” да биде новото име на концертната сала во изградба предложи советничката на СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова. На денешната седница на Советот, таа поднесе иницијатива за ново име на Универзална сала во чест на пејачот Владо Јаневски, кој почина на 28 јуни.
„Универзална сала е еден од најзначајните симболи на културниот и музичкиот живот на Скопје. Во неа низ децениите се одржале бројни концерти, фестивали, претстави, свечености и други настани што оставиле траен белег во колективната меморија на градот и државата. Владо Јаневски е истакнат македонски пејач, скопјанец, автор и изведувач со повеќедецениско творештво и значаен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика. Неговите песни се препознатлив дел од современото македонско музичко наследство и се поврзани со повеќе генерации публика. Именувањето на Универзалната сала во ‘Универзална сала Владо Јаневски‘ би претставувало признание за неговиот уметнички придонес и воедно би ја нагласило улогата на салата како дом на музиката, културата и колективните спомени на Скопје. Со ваквиот чин би се воспоставила симболична врска помеѓу еден од најзначајните културни објекти во градот и истакнат претставник на македонската музичка сцена”, рече советничката Штерјова.
Нејзиниот предлог не беше прифатен бидејќи за него не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат мнозинство.
Не поминаа ниту предлозите на советничката група на Левица, која бараше на дневен ред да се стават точки за воведување билет со временско ограничување за возење во автобусите од јавниот превоз и воведување хигиенски и технички услови за приватните превозници. Прифатен беше само предлог на советничката Кате Цаневска како точка на дневен ред да се стави воведување на систем „0 отпад во Скопје”, преку кој треба да се подобри хигиената во градот.
А. АНТЕВСКА



