СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО АЕРОДРОМ ГО ИЗГЛАСАА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ЗА ЛИСИЧЕ, НАМЕСТО 9 ЌЕ ИМА ЕДНА 12-КАТНИЦА, ЖИТЕЛИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО АЕРОДРОМ ГО ИЗГЛАСАА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ЗА ЛИСИЧЕ, НАМЕСТО 9 ЌЕ ИМА ЕДНА 12-КАТНИЦА, ЖИТЕЛИТЕ НАЈАВИЈА ПРОТЕСТЛани во јули жителите на Лисиче протестираа против планот со кој како што велеа се предвидува бетонизација на населбата. (Фото: СДК.МК)

    Општина Аеродром на вчерашната седница на Советот го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) ЈИ09 блок 09.01. за дел од населбата Лисиче. За овој план со кој се предвидуваа девет висококатници, жителите на населбата неколку пати лани излегоа на протест, велејќи дека со него се бетонизира Лисиче. По ова, планот беше повлечен и Општината рече дека ќе прави нов, во кој ќе бидат земени предвид забелешките на граѓаните.

    Со новиот ДУП, наместо девет згради се предвидува една 12-катница односно зграда со приземје, десет ката и поткровје. Станува збор за парцела на булеварот Србија која е сопственост на фирмата „Голден арт“. Сопствениците Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски во мај 2022 купуваат нива на булевар Србија и кратко време по тоа на таа нива е нацртана маркичка за 12-катница.

    Планот вчера беше изгласан со 16 гласа „за“ и 11 „против“. „За“ гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Жители на Лисиче најавија протест денеска во 18.30 часот.

    Од советничката група на СДСМ во Општина Аеродром велат дека планот е донесен на шверцерски начин по предлог на градоначалникот Тимчо Муцунски. Поставен бил како вонредна точна на дневен ред, непосредно пред почетокот на седницата. Велат дека немало ниту видео пренос од седницата на Јутјуб каналот на Општината, односно снимката е избришана.

    „На последната трета јавна анкета која беше спроведена за време на годишните одмори лани во август, од 9 висококатници остана една. Најголемата, на 12 ката. На парцела во сопственост на ‘Голден арт‘, а тое фирмата која донираше парк во мандатот на градоначалникот Тимчо Муцунски“, вели советникот на СДСМ Милутин Ристески.

    Од Општина Аеродром велат дека во финалната верзија на урбанистички план се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни и не се точни тврдењата дека се врши бетонизација на населбата.

    „Со Деталниот урбанистички план се решаваат важни, децениски прашања на граѓаните и се отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Од тука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати. ДУП-от доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Град Скопје“, велат од Општина Аеродром.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира