СОВЕТНИЦИТЕ ПОБАРАА ОПШТИНА ВЕЛЕС ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ СИТЕ ТЕНДЕРИ ОД ШКОЛИТЕ, ОТИ КАНЦЕЛАРИСКИТЕ МАТЕРИЈАЛИ СЕ НАБАВУВАЛЕ СО ПОВИСОКИ ЦЕНИ ОД ПАЗАРНИТЕ

    СОВЕТНИЦИТЕ ПОБАРАА ОПШТИНА ВЕЛЕС ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ СИТЕ ТЕНДЕРИ ОД ШКОЛИТЕ, ОТИ КАНЦЕЛАРИСКИТЕ МАТЕРИЈАЛИ СЕ НАБАВУВАЛЕ СО ПОВИСОКИ ЦЕНИ ОД ПАЗАРНИТЕДел од тонерите со исти марки кои Општина Велес ги набавувала од истиот добавувач ги добила по различни цени, иако јавната набавка била склучена во безмалку истиот период. (Фото: СДК.МК)

    Советниците од Општина Велес едногласно усвоија заклучок со кој бараат од локалната власт да ги преземе и да ги работи сите тендери од училиштата, по теркот на групни набавки за санитарни прегледи и за осигурување на објектите на училиштата.

    „Потребно е Општината да ги земе сите тендери од училиштата и таа да ги спроведува. Тие се дел од листата на надлежности на Општината, на локалната власт. За да се отстрани сомнежот дека е можно да се прават манипулации со тендерите, предлагам Општината да ги спроведува“, кажа Катарина Ефремова, членка на Советот.

    До ова дојде откако нејзиниот колега Дејан Палашев зборуваше за тендер во средното училиште „Димитрија Чуповски“, со кој се набавува канцелариски материјал. Во него имало точно 110 ставки. Дел биле со смешни цени, а за материјали за кои училиштето немало потреба, наспроти нив ставки кои се набавувале често, а биле со високи цени.

    „Разликата е воочлива кај тонерите. Тонери за ХП принтер ласер џет сет 7 илјади – едно парче 30 денари, а истиот тонер чини 1.400 денари. Тонер за ХП принтер 5.035, по набавна цена од 35 денари кој на пазарот чини 1.500 денари. Тонер ХП ласер Џет 1010 за училиштето чини 2.200 денари, истиот тонер е 800 денари на пазарот. Тонер за принтер ласер џет 1102, продажна цена за школото е 2.100 денари а на пазарот сега се продава 510 денари. Тонерите кои ги користи училиштето се четири пати поскапи од пазарните, за разлика од тие што не ги користи кои се за смешни суми од 30 денари. Фотокопирна хартија А4 формат од 500 листа е 320 денари, пред една година кога е заклучена јавната набавка, не беше по таа цена. Затоа има и други хартии по цена од само 10 денари. Регистратори А5 нестандарден формат, не знам дали некој го користи, по цена од 15 денари. За разлика од регистратор А4 кој чини 140 денари“, кажа Палашев.

    Дел од тонерите со исти марки кои Општина Велес ги набавувала од истиот добавувач ги добила по различни цени, иако јавната набавка била склучена во безмалку истиот период.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира