СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ПОВТОРНО НЕ ПРИФАТИ ЕУ ПАРИТЕ ДА СЕ ИСКОРИСТАТ ЗА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ МЕСТО ЗА ОБЈЕКТОТ „ПАРК“

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА ПОВТОРНО НЕ ПРИФАТИ ЕУ ПАРИТЕ ДА СЕ ИСКОРИСТАТ ЗА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ МЕСТО ЗА ОБЈЕКТОТ „ПАРК“Градоначалникот Коњановски изјави дека ова беше можеби последната шанса да се обезбедат средства и за велосипедски патеки и за „Парк“. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола повторно не прифати да се измени одлуката со која парите за реконструкција на објектот „Парк“, кој е составен дел од целината Офицерски дом, би се намениле за велосипедски патеки.

    Советничкото мнозинство гласаше воздржано по предлогот на градоначалникот Тони Коњановски како точки на дневен ред на денешната седница да бидат ставени измените на одлуката за финансирање на проектот „Смарт фор ју ту“, со цел со парите од ЕУ фондовите да се направат велосипедски патеки, како и барањето за измена на развојните програми за да се дообезбедат средства за реконструкција на „Парк“. Министерството за култура ќе даде девет милиони денари за „Парк“, а Општина Битола треба да обезбеди уште 49 милиони денари.

    Советниците од СДСМ со коалицијата, Поинаку и Левица гласаа воздржано по предлог точките на Коњановски, додека „за“ гласаа ВМРО-ДПМНЕ и ДОМ. Со тоа точките беа отфрлени.

    Коњановски од советничката говорница изјави дека ова е можеби последната шанса да се обезбедат средства и за велосипедски патеки и за „Парк“, затоа што навлегуваме во период на предизборие кога финансирањата се ограничени. Тој го цитираше писмото на Делегацијата на ЕУ во кое стои дека временскиот рок за плаќање е суспендиран како резултат на доцнењето на изградбата на системот велосипедскои патеки и прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен.

    Кога имаме потпишан договор со Министерството за култура за реконструкција на „Парк“ во износ од девет милиони денари и обврска за дообезбедување на средства од 49 милиони денари, предлагам измена на развојната програма за да се реконструира „Парк“. Така даваме можност за наменско искористување на одобрените средства од програмата за прекугранична соработка на ЕУ и проектот ‘Смарт фор ју ту’ и изградба на велосипедски патеки преку измена на одлуката за согласност и кофинансирање на проектот. Ова е можеби последната шанса да покажеме здрелост и пред домашните и пред меѓународните институции“, рече Коњановски.

    Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку, рече дека Општината потпишала анекс кон договорот за пренамена на средствата без одлука на Советот, за што е покрената истрага.

    Проектот за велосипедските патеки ни го давате откако почна седницата, која доцнеше четири часа и имавте можност навреме да го поделите. Кога зборувате за писмото на ЕУ делегацијата, редно е да кажете дека на 30 ноември сте барале исплата на средства и дека во истото е нагласено дека треба да имате одлука на Советот. Градоначалникот немаше одлука на Советот кога потпиша анекс на договорот. Јас го почитувам ставот на мнозинството на овој Совет, кој четири пати не дал согласност за измена“, рече Илиевска.

    Натегањата околу ЕУ проектот и намената на парите од него траат со месеци во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира