СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ГО СУСПЕНДИРА ПЛАНОТ СО КОЈ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ИЗГРАДАТ ТРИЕСЕТИНА ЗГРАДИ, А ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ПАРК

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ГО СУСПЕНДИРА ПЛАНОТ СО КОЈ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ИЗГРАДАТ ТРИЕСЕТИНА ЗГРАДИ, А ЖИТЕЛИТЕ БАРААТ ПАРКСпоред стариот план, на просторот на пропаднатата фабрика „ШИК Јелак“ требаше да се изградат 31 објект, од кои најголемиот дел беа повеќекатници. (Фото: СДК.МК)

    Со мнозинство гласови, Советот на Општина Тетово донесе конечна одлука со која се суспензира Деталниот урбанистички план (ДУП) за урбаниот блок 57А во Тетово. Овој ДУП беше донесен во претходниот состав на Советот и според него, на просторот на кој се наоѓа пропаднатата фабрика „ШИК Јелак“ требаше да се изградат 31 објект, од кои најголемиот дел беа повеќекатници.

    На донесената одлука ѝ претходеше обемна расправа помеѓу власта и опозицијата во Советот во која советниците од ДУИ го бранеа постоечкиот ДУП, додека советниците од мнозинството велеа дека со ваков ДУП е нарушен не само јавниот интерес туку на тој простор ќе се изгради голема бетонска џунгла, речиси без зеленило, со малку паркинг простор и како таков, тој план не е во интерес на граѓаните.

    По едночасовна расправа, одлуката за суспензија на ДУП за блок 57А беше изгласана со 18 гласови „за“, 12 воздржани, а додека против немаше никој.

    „Ова е една од наредните фази која е во насока на ревидирање на урбанистичкиот план за блок 57А, познат како ‘ШИК Јелак’“. Ние имавме претходна одлука за изработка на елаборат на постоечкиот ДУП од која се согледаа сите негативности на овој план, имавме мислење и од Министерството за транспорт и врски, и денеска Одлуката за ревидирање на овој план е усвоена. Сега следи ревидирање на процесот, односно отпочнување постапка за изработка на нов урбанистички план за овој блок преку кој ние цениме дека ќе се заштити јавниот интерес, односно јавните површини ќе бидат оптимизирани, а не како што се сега минимизирани“, рекоа советниците.

    Локацијата кај „ШИК Јелак“ е дел од просторот за кој граѓанска иницијатива од Тетово бара да биде градски парк, оти овој град е единствен кој нема таков парковски јавен простор.

    Постоечкиот ДУП за урбаниот блок 57А беше донесен од претходната локална власт на чело со градоначалничката Теута Арифи и уште тогаш предизвика големи несогласувања меѓу советниците од тогашната опозиција во Советот на Општина Тетово, но и покрај противењата ДУП-от беше усвоен од мнозинството советници.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира