Месечната цена за згрижување на децата во градинките во скопската Општина Карпош се зголеми за 500 денари, и наместо 1.490 денари како досега, ќе чини 2.000 денари.
Зголемувањето на цената беше изгласано на денешната редовна седнива на Советот на Општина Карпош.
„Меѓу советниците, конечно беше постигнат потребниот консензус околу предлогот за зголемување на цените за згрижување и престој на дечињата во предучилишните установи на територија на Карпош. Имено, досега месечната претплата изнесуваше 1.490 денари, а отсега за целодневен месечен престој за дете до 6 годишна возраст ќе се плаќа 2.000 денари, а истиот месечен надомест ќе изнесува и за престој и исхрана на дете од 6 до 10-годишна возраст“, објави Општината на својата фејсбук страна.
Оттаму велат дека новата цена е поради зголемените режиски трошоци и континуираниот пораст на цените на прехранбените производи.
„Неопходна беше ваквата корекција на месечната партиципација во градинките, која ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите кои ќе ги добиваат најмладите карпошани“, велат од Општината.
Под надлежност на Карпош се градинките „Мајски цвет“, „Орце Николов“, „Пролет“ и „Распеана младост“.
Б. НЕСТОРОСКА