СПАСЕН ОВЧАР СО СТОТИНА ОВЦИ КОЈ ПРЕД НАДОЈДЕНАТА ЦРНА РЕКА ПЕТ ЧАСА БИЛ НА МАЛ ОСТРОВ

    СПАСЕН ОВЧАР СО СТОТИНА ОВЦИ КОЈ ПРЕД НАДОЈДЕНАТА ЦРНА РЕКА ПЕТ ЧАСА БИЛ НА МАЛ ОСТРОВЦрна Река била надојдена поради зголемен проток при производство на електрична енергија од ХЕЦ Тиквеш. (Фото: СДК.МК)

    Вчера попладне и вечерта се одвивала драма за животот на овчар од Радовишко, кој се прибирал со стадото овци и се нашол на остров откако реката Црна ненадејно надошла. Случајот го евиденирале и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и СВР Велес.

    „На Единствениот број за итни случаи 112 во саботата во 17:32 часот доби информација за заглавен овчар среде Црна Река, со неговите стотина овци, на мало островче на 200 метри лоцирано под село Манастирец во Општина Росоман. Реката била надојдена заради зголемен проток при производство на електрична енергија од страна на ХЕЦ Тиквеш“, соопштија од ЦУК.

    Тие реагирале до АД ЕЛЕМ, па водата од Брана Тиквеш била времено запрена во 18.00 часот, при што овчарот чекал нивото на реката да се намали за заедно со неговите овци да се засолни на безбедно место.

    „При контактот во 20.19 часот лицето извести дека водата не само што не се намалува, туку дека нејзиното ниво се зголемува. На тоа веднаш ЦУК реагираше до АД ЕЛЕМ, коишто известија дека при извршување на смената не си ја пренеле информацијата дека случајот не е завршен, па повторно ја пуштиле водата. Во 20.25ч од страна на АД ЕЛЕМ веднаш беше запрена водата од браната“, велат од ЦУК.

    За да се намали нивото на водата во реката Црна биле потребни три до четири часа. На лице место била испратена екипа од Полициска станица Кавадарци. После 22.10 часот, кога доволно се намалил водостојот, заглавениот овчар со стотина овци среде Црна Река на мало островче, поминал на брегот и биле спасени и тој и овците.

    За настанот соопшти и СВР Велес.

    „На 20 април, сабота во 17.30 часот во ОВР Кавадарци, Г. Ц. (49) од село Габревци, Општина Конче, пријавил дека додека го напасувал стадото овци по речното корито на Црна Река во близина на село Манастирец, Кавадаречко, надошла реката и му го ограничила движењето и заедно со овците останал на копно обиколен со вода“,соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира