Плажите на охридско-струшката ривиера, кои по рушењето на дивопоставените објекти останаа без концесионери, се безбедни за капачите. Тим спасители на вода од Црвен Крст Охрид секојдневно вршат патролни обиколки со спасителен чамец на вода, со велосипеди или пеш на копно, на капалишта на охридската страна од езерото.
„Секој ден во периодот од 11 до 19 часот, спасители на вода патролираат на потегот од плажа Горица 3, плажа Славија, плажа Акапулко, плажа Лагадин, плажа Корали и интервенираат во случај на потреба. За време на викендите и празниците, кога се очекува зголемен број на посетители на капалиштата, тимот на спасители ќе биде придружуван и со парамедикален тим и ќе укажуваат прва помош во случај на потреба. Црвен крст Охрид свои спасители на вода има поставено и на плажата кај манастирскиот комплекс Св. Наум, на плажата кај кампот Љубаништа, на плажите Градиште 1 и 2, Оревче, Десарет, Метропол- Белви, Инекс, Голден и на базенот во СРЦ Билјанини извори“, велат од охридскиот Црвен крст.
Од Црвен крст Струга велат дека имаат над 50 обучени спасители на вода, но активни се само мал број од нив.
„Сите ние кога одиме на плажа сакаме да се чувствуваме безбедно. Спасителите на плажи токму поради тоа се многу потребни, бидејќи има моменти кои никој не може да ги предвиди. Се случуваат многу интервенции кои најчесто, за среќа, завршуваат со среќен крај“, велат од Црвен крст Струга.
На струшкото крајбрежје годинава се ангажирани 15 спасители. Интересот за склучување договор за спасителска служба засега е слаб.
С. ВРЕНЦОВСКА