Во услови на забрзан развој на технологиите, безбедноста во електронските комуникации е голем предизвик, а тој проблем најмногу ги засегнува поразвиените држави, беше кажано на 20. Меѓународна регулаторна конференција што во организација на Агенцијата за електронска комуникација (АЕК) се одржува во Охрид.
„Кај нас како држава сајбер-нападите се зголемија откако станавме членка на НАТО, што само по себе кажува дека реално кај нас таквите напади се политички. Како мала држава реално добро се справивме со тие напади, особено за време на изборната кампања, имаше најави за зголемен број напади од политичка природа, како што впрочем и беше, но ситуацијата доволно добро беше изменаџирана“, рече директорот на АЕК, Јетон Акику.
Како што посочи Акику, акцент на годинешните дискусии се мерењата и конкретните резултати од имплементацијата на 5Г мрежата и прашањето на сајбер-безбедноста.
„Она што можам да го истакнам е дека во Македонија има најдобар 5Г во регионот и меѓу надобрите на континентот, со достигнати брзини на двата оператори од над еден мегабит во секунда и просек од околу 300 мегабити на целиот простор во државата“, Акику.
Иако регионот ги следи трендовите во областа на електронските комуникации, реално малку доцни зад стандардите во Европа, поради задоцнетиот почетокот во развојот на сферата и реалните економски околности, оценија експертите.
„Сите земји во моментов добро напредуваат. И Република Хрватска, која десет години е во ЕУ, сѐ уште не го има остварено европскиот просек во подрачјето на електронските комуникации“, рече Тонко Огуљен, претседавач со Европското тело за регулација на електронските комуникации и претседател на Советот на Хрватската агенција за мрежни активности.
Според него, безбедноста на комуникациите е комплексно прашање, со разни можности за закани и злоупотреби, а притоа човекот е можеби најризичниот фактор во безбедносните предзивици. Како што рече тој, независно колку и да се вложува во мрежната безбедност, доволно е некој да почувствува слаба точка, залудни се сите безбедносни препреки.
„Она што можеби најголем предизвик за кој сите говорат и интензивно размислуваат во моментов, е примената на вештачката интелигенција во тие негативни насоки, од креирање лажни повици и лажни вести, па сè до генерирање закани. Порано за тоа беше потребно повеќе напор и време, сега тоа е олеснето, постојат стотици начини како да се собори мрежата. Останува како да се справиме со тоа, сметам дека за тоа ќе бидат сѐ повеќе експерти. Тоа е најголем проблем, не само во регионот туку и пошироко. Во регионот тој е и уште поизразен оттаму што платите се пониски, а луѓето кои ќе ги научат вештините можат подобро да се продадат низ светот каде се многу барани. Предизвикот е како нив да ги задржиме“, рече Огуљен.
С. ВРЕНЦОВСКА